Граѓаните ќе може да изберат дали ќе го користат само државниот пензиски фонд или ќе уплаќаат придонеси и во приватниот столб, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека компаниите кои што управуваат со вториот пензиски столб се слаби претприемачи, па приносите на средствата на граѓаните кои што се уплаќаат, не се во онаа висина во која што треба да бидат односно се три пати помали.
„Тоа значи дека тие се слаби претприемачи. Не можете вие да ги користите средствата од граѓаните и да не ги оплодувате и да не носите приноси онакви какви што што треба, какви што сте се договориле пред 20 години кога е почнатата оваа реформа и сега некој друг да ви е виновен. Тоа така не оди. Ако сте неуспешен во бизнисот, доаѓа некој друг кој што е поуспешен. И сега ние разгледуваме некоe меѓу хибридно решение во кое што на граѓаните ќе им се даде слобода да си донесат самите одлука дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и во државниот и во приватните пензиски столбови. Не можеме неработењето на тие компании кои што ја добиле честа да ги управуваат средствата на граѓаните пред 20 години да ги користат и да не ги оплодуваат онака како што граѓаните очекуваат“, рече Мицкоски на почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во Јурумлери, општина Гази Баба.
Мицкоски рече дека за вакво решение се одлучиле бидејќи првите корисници почнале да ги добиваат средствата од вториот пензиски фонд и тие се премногу мали.
„Нормално бидејќи се премногу мали државата до минималната пензија, онаа социјална сигурност што ја има треба дополнително да дава средства. Мислам тоа нема логика“, рече Мицкоски.
Ревизорскиот извештај за работата на Фондот за пензиско осигурување за 2024 години објавен во јуни годинава, покажа дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена. Долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб е 42 милиони евра. Со ова директно се оштетуваат осигурениците, затоа што тие пари не се на нивната лична сметка, не се инвестираат и не носат принос.
Од придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто плата, 12,8 % се одвојуваат за Фондот на ПИОМ и 6% се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензиски фонд. Средствата во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал за да остварат принос и да ја зголемат идната пензија на осигуреникот. Осигурениците добиваат пензија од комбиниран систем, односно од првиот и вториот столб, а евентуално и од третиот столб кој е незадолжителен.
А. АНТЕВСКА



