БРИТАНЕЦ СЕ ВРАТИ ДОМА ПО 28 ГОДИНИ ПЕШАЧЕЊЕ НИЗ СВЕТОТ, ПОМИНАЛ 50.000 КИЛОМЕТРИ

    БРИТАНЕЦ СЕ ВРАТИ ДОМА ПО 28 ГОДИНИ ПЕШАЧЕЊЕ НИЗ СВЕТОТ, ПОМИНАЛ 50.000 КИЛОМЕТРИКарл Бушби поминал низ 30 држави во Јужна и Северна Америка, Европа и Азија (Фото: АП)

    Британски авантурист кој шетал низ светот речиси три децении го заврши своето патување денеска, заокружувајќи ја одисејата од речиси 50.000 километри во куќата каде што пораснал.

    Карл Бушби се пробивал низ џунглите во Централна Америка, го преминал мразот меѓу Алјаска и Русија и минатиот месец го препливал каналот Ла Манш на последниот дел од патувањето направено целосно пешки. Тој поминал низ 30 држави во Јужна и Северна Америка, Европа и Азија.

    „По 28 години, човек навистина не може да посака повеќе од ова“, им рече 57-годишниот Бушби на присутните, а потоа продолжи понатаму, туркајќи количка со своите лични предмети, врз кои стоеше резервна гума.

    Потоа се упати кон семејниот дом, каде што го чекаа мајка му, 36-годишниот син и 12-годишната внука.
    Во своите дваесетти години, Бушби служел во Падобранскиот полк на британската војска. По распадот на бракот, тој тргнал на пат, инспириран од својот татко, кој своевремено се прашувал дали е можно да се стигне пеш од Лондон до Њујорк.

    Носејќи шатор, неколку стотици долари и евтин пластичен фотоапарат, тој тргнал од Чиле, па се упатил кон север низ двете Америки, преминал од Алјаска во Русија, Монголија и Кина, а потоа се вратил преку Европа, откако го препливал Каспиското Море.

    „Понекогаш монотонијата е неверојатна. Се наоѓате во пустини каде што пејзажот не се менува со денови, па дури и со недели. Тоа може навистина да влијае врз умот. Истото важи и за Арктикот“, изјави тој за „Ројтерс“ минатата година.

    Првично очекувал да помине околу 10 години на пат, но не можел да ги предвиди пречките со кои ќе се соочи, меѓу кои се краткотраен затвор во Панама, закана со огнено оружје во Мексико и притворање од страна на руските власти поради илегално преминување на границата, на што се надоврзаа одложувањата предизвикани од финансиската криза во 2008 година и пандемијата на ковид.

    Бушби за Би-Би-Си изјави дека од вкупно 28 години, пешачел околу 15, при што повремено се враќал во Мексико за да ги среди визите, логистиката и договорите за корпоративно и медиумско спонзорство. Во продукција е долгометражен документарен филм за неговото патување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира