Потврдениот случај на заразено бебе на возраст до 12 месеци од Велес со морбили (мали сипаници) е резултат на нискиот опфат со вакцината МРП, вели д-р Марина Тодоровска, раководителка на Службата за предучилишна превентива и вакцинација при Здравствениот дом во Велес.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера објави дека има четири потврдени случаи на морбили во државава, од кои еден е странски државјанин од Косово, лице на возраст над 40 години, а три се бебиња на возраст до 12 месеци од Велес, Штип и Скопје. Сите заболени се невакцинирани, а две се бебиња кои поради возраста уште не можеле да бидат вакцинирани.
Во првата половина од годинава, опфатот со вакцината МРП – против морбили, рубеола и паротитис, во Велешко изнесува само 50,8%, а лани опфатот бил 68,5%. Оваа здравствена институција ги покрива децата од предучилишна возраст од Општините Велес, Градско и Чашка.
„Ова е резултат на пропустот во колективниот имунитет. Имаме најнизок опфат во последните 10 години со вакцината МРП. Таа се прима на навршени 12 месеци и при упис во прво одделение. Иако ги повикуваме сите родители со покана за вакцинација на нивното бебе, можеби поради различни причини не стигнала поканата. Родителите можат да дојдат секој работен ден, во работно време и без покана, за бебето да ја прими вакцината. Ја имаме во доволни количества и може да се аплицира“, кажа д-р Тодоровска.
Кај децата од училишна возраст, опфатот со вакцината МРП во Велешко во првите девет месеци од годинава е 87%. Претходно, морбили во Велешко беа регистрирани во 2019, една година пред пандемијата со коронавирусот.
П. ПЕЧКОВ



