Ниту вештачењето беше готово и доставено до судот, ни вештаците дојдоа на денешното судско рочиште против обвинетиот апелационен судија Ѓоло Ристов, кому обвинителката за организиран криминал и корупцiија во јануари во семејната куќа во Неготино му откопа од ѕид непријавени 350.000 евра.
Едниот, Атанас Козарев за најдената ДНК на ливчињата со пари во ѕидот, бил болен и за тоа ја известил адвокатката на Ристов од Кавадарци, која, пак, отсабајле се разболела и не дојде на судењето. Требало таа да го испрашува.
Другиот вештак, исто така, не дојде на денешното рочиште, не му било готово, но адвокатот Звонко Давидовиќ кажа оти до четврток ќе било завршено и доставено до судот.
Првиот вештак ангажиран од Ристов беше Емилио Фришчиќ и тој го презентираше својот дел со тврдење дека не бил негов ракописот на ливчињата со пари во ѕидот, на кои била најдена ДНК на судијата, кој негира дека се негови.
Третиот вештак кој доцни со изработката и не дојде на денешното рочиште е Антонио Ѓорѓиев.
„Несфатливо е како на сите судења доаѓаа и двајцата технички советници Фришчиќ и Ѓорѓиев, а баш денеска кога требаше да се присутни, не се тука. Ова во најмала рака е неодговорно. Судењето нема да пропадне, не смее да пропадне и повелете изведете ги материјалните докази, место презентација на вештачењата и сослушување на вештаците”, рече судијката Билјана Коцевска во Кривичниот суд денеска.
Потоа таа кажа дека одбраната ги повлекува своите сведоци: осудените лекари за корупција Марјан Стоевски и Един Шеапи, како и Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кои постапувал судијата Ристов во Апелациониот суд Скопје.
Денеска само во неколку реченици беа предложени материјални докази од адвокатот на обвинетиот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



