Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во чест на легендарниот музичар Славе Димитров на 28 ноември од 20 часот во Филхармонијата. Концертот е насловен „Од Евридика до Чија си“, а ќе се одржи по повод 80. роденден на Димитров. Ќе диригира Џијан Емин.
На концертот ќе настапат Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Елена Ристевска, Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ Пере и Миа Перевска, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Ѓошева, Маја Саздановска, Ана Костадиновска, Мартија Станојковиќ и Лина Пејовска.
Евергрините на Димитров „Чија си“, „Делфина“, „Каде песно моја“ и други ќе бидат изведени во нови оркестарски аранжмани.
Димитров е роден на 1 јуни 1946 во Битола и годинава одбележува шеесет години музичко творештво. Тој е композитор, пејач, аранжер и музички продуцент, кој остави значаен белег во македонската забавна музика.
Неговиот најголем хит „Чија си“ го компонирал во 1969 во Битола, а песната првпат е испеана на фестивалот „Скопје 71“, во интерпретација на Димитров и хрватскиот пејач Крунослав Киќо Слабинац. Ја освои втората награда од публиката и подоцна беше прогласена за песна на минатиот милениум.
Неодамна, во издание на „Арс либрис“, како дел од „Арс ламина- публикации“, излезе авторизираната биографија „Чија си“ од Максим Ристески. Книгата ги опфаќа животот, музичката кариера и творештвото на Димитров, а е објавена во годината кога се одбележуваат 80 години од неговото раѓање и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.
Билетите за концертот се во продажба преку „МК тикетс“.



