Со тешка механизација бесправно се ископувал песок од коритото на Вардар во близина на тетовското село Сиричино, при што се предизвикани големи штети на речното корито и на околината. За случајот алармираат од риболовниот клуб „Риболовец-Вардар“, кој како концесионер има обврска да го штити рибниот фонд во овој дел од реката.
„По пријава од граѓанин излегов на самото место и забележав нелегален ископ со два багери и три камиони од засега непозната фирма. Сметам дека е неопходно да се утврди дали работите се вршени со соодветни дозволи и согласност од надлежните институции“, вели Божидар Гроздановски од РК „Риболовец-Вардар“ од Брвеница.
Случајот е пријавен во СВР Тетово на 3 ноември. Од полицијата информираат дека на локацијата спроти касарната „Еребино“ биле пронајдени два багери без регистарски ознаки, од кои еден е со натпис на фирма од Желино. На местото немало луѓе, а машините биле обезбедени од полицијата.
Во случајот е вклучено Јавното обвинителство, кое издаде наредби за прибирање докази и документација за утврдување на фактичката состојба.
З. АНДОНОВ



