Со проекцијата на филмот „Идиот(и)“ на режисерката Малгоржата Шумовска и снимателот и режисер Михал Енглерт, синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ) се отвори 26. издание на Скопскиот филмски фестивал (СФФ), кој се возобнови после три години.
„Ова е само почеток, ова е еден темел од она што сакаме да го направиме. Имаме повеќегодишен план за да го етаблираме фестивалот и да биде дел од европското семејство. Сакаме да направиме фестивал што го заслужува Скопје, ние, публиката, филмаџиите и да види Европа дека можеме и ние да бидеме дел од европското семејство“, рече Томи Салковски, директор на СФФ.
На отворањето на фестивалот, на полските автори Шумовска и Енглерт им беше врачена новата награда Златна скополија за исклучителен придонес кон светската кинематографија.

Филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре и српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ во МНТ. (Фото: СФФ)
Заблагодарувајќи се за наградата, Шумовска рече дека ова е прва награда која ја добиваат како режисерско дуо, иако подолго време работат и креираат заедно.
На отворањето беа претставени и членовите на меѓународното жири и на Фестивалскиот совет: британскиот филмски критичар и селектор Филип Бергсон, британскиот продуцент Стив Абот, регионалниот продуцент Мирослав Могоровиќ, српскиот режисер Павле Вучковиќ, германската филмска селекторка Даниела Вебер, актерка и продуцентка Лабина Митевска и режисерот Даријан Пејовски. Помеѓу специјалните гости на свеченоста беше и српскиот режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.
Вечерва од 21 часот, во МНТ е македонската премиера на „17“, дебитантскиот филм на режисерката Косара Митиќ и македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм.
Во киното „Фросина“ од 17 часот ќе биде прикажан „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“ во режија на Џејн Шенбрун, а од 19 часот е „Спирали“ на Паоло Стриполи.



