ПОЧНА ИСПЛАТАТА НА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ ВО „АЛТА БАНКА” ВО БИТОЛА

    ПОЧНА ИСПЛАТАТА НА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ ВО „АЛТА БАНКА” ВО БИТОЛАОбезбедувањето на банката воведе ред и дозволува влез само на оние кои примиле СМС-пораки (Фото: СДК.МК)

    Почна исплатата на социјалната помош во ,,Алта банка” во Битола. Пред банката денеска се намалија гужвите. Доаѓаат претежно граѓани приматели на социјалната помош и оние кои немаат платежни картички, па подигаат по 20 000 денари од шалтерите.

    Обезбедувањето на банката воведе ред и лицата кои чекаат ги симна под скалите. Дозволува влез само на оние кои примиле СМС-пораки.

    Со проблем се соочуваат фирмите кои имаат сметки во „Алта банка“ и не можат да префрлат плата за вработените кои имаат трансакциски сметки во други банки.

    Засега не е дозволено подигање на штедните влогови.

    Сѐ уште има редици пред другите банки, додека битолчани се обидуваат да ги префрлат примањата во други филијали.

    Народната банка на 1 ноември воведе привремена управа во „Алта банка“ АД Битола, откако на матичната банка во Белград ѝ беше одземена лиценцата за работа и беше отворена стечајна постапка. Оттогаш, клиентите на битолската банка можат да подигнуваат најмногу по 10.000 денари неделно од банкомат, додека оние без платежни картички можат да добијат до 20.000 денари на шалтер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира