Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Крива Паланка и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со напуштените крави, побара градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој денеска излезе на протест со жителите на Општината.
Тој кажа дека секојдневно повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината, при што ги уништуваат земјоделски насади, оштетуваат приватни имоти и јавни површини, а се загрозува безбедноста во сообраќајот.
„Крива Паланка предолго ја плаќа цената на институционалната немоќ, неодговорноста и постојано одлагање. Во услови кога институциите не можат сами да се справат со проблемот, Владата мора да интервенира да ги обезбеди потребните ресурси и да организира заедничка координирана интервенција. Немањето капацитет повеќе не смее да биде оправдување за одлагање на решението. Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети. Бараме јасен оперативен план со акции по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност. Бараме организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки што еднаш засекогаш ќе спречат повторување на проблемот“, кажа Митовски.
- НЕ МОЖЕМЕ ИНСТАНТНО ДА ГИ СОБЕРЕМЕ ГОВЕДАТА, ВЕЛАТ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО ЗА КРАВИТЕ КОИ 15 ГОДИНИ СЕ ШЕТААТ НИЗ КРИВА ПАЛАНКА
- ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И ЖИТЕЛИ НА ОСУМ КРИВОПАЛАНЕЧКИ СЕЛА ИЗЛЕГОА НА ПРОТЕСТ ПОРАДИ КРАВИТЕ ШТО ИМ ГИ УНИШТУВААТ ИМОТИТЕ 15 ГОДИНИ
Тој потсети дека од јануари 2022 година до денес доставиле стотици пријави и иницијативи до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство, поднесена е и кривична пријава за мачење животни, докази за материјални штети, за повреди на граѓани и за уништување јавни површини.
Затоа јавно праша што уште треба да се случи за да конечно институциите профункционираат и да постапат по правосилните и извршни решенија што самите ги донеле, за одземање на животните.
„Несовесното одгледување добиток и несоодветното постапување на институциите со години го држат градот во заложништво. Ниту партиската припадност, ниту нечии приватни интереси смеат да бидат над законот и над правото на граѓаните на нормален и пристоен живот“, кажа Митовски.
Градоначалникот Митовски, барањето за прогласување на кризна состојба од Владата побара и минатата недела, но досега нема одговор, па денеска засегнатите граѓани се собраа на мирен протест.
С. НИКОЛИЌ



