НА ИСАР МАРВИНЦИ ОТКРИЕН МОНУМЕНТАЛЕН РИМСКИ БАЗЕН СО СИСТЕМ ЗА ЗАГРЕВАЊЕ

    НА ИСАР МАРВИНЦИ ОТКРИЕН МОНУМЕНТАЛЕН РИМСКИ БАЗЕН СО СИСТЕМ ЗА ЗАГРЕВАЊЕОвие наоди укажуваат на промените во намената на просторот во текот на доцната антика, кога делови од некогашниот јавен комплекс добиле поинаква функција. (Фото: Археолошки музеј)

    Монументален базен со димензии поголеми од 4,5 × 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри е откриен со новите археолошки истражувања на локалитетот Исар–Марвинци кај Валандово, соопшти Археолошкиот музеј. Неговата конструкција е изведена со специјален водоотпорен малтер, врз кој била поставена мермерна облога изработена од повеќе од осум различни видови мермер.

    Годинашните истражувања на екипата од Археолошкиот музеј беа насочени кон истражување на дел од комплексот на јавната градска бања од римскиот период. Досегашните археолошки сознанија укажуваа на постоење бањски простор со ладна вода.

    „Меѓутоа, најновите откритија потврдуваат дека по 2. век од н. е. комплексот располагал и со простор за капење со топла вода, опремен со развиен систем за загревање. Особено внимание привлекува и застаклувањето на мермерните површини, кое претставува дополнителен показател за вниманието посветено на завршната обработка и естетскиот изглед на просторот. Значајно е откривањето на исклучително добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и систем за циркулација на топол воздух. Овој наод овозможува непосредно проучување на техничките и инженерските решенија применувани во римската бањска архитектура. Откриениот комплекс е директно поврзан и со градската цистерна, што отвора нови можности за истражување на водоснабдувањето и инфраструктурната организација на античкиот град“, велат од Музејот.

    Досегашните археолошки сознанија укажуваа на постоење бањски простор со ладна вода. (Фото: Археолошки музеј)

    Исклучителната зачуваност на архитектурата претставува една од најголемите вредности на откритието. Просторот се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина, а неговите сочувани конструктивни елементи овозможуваат ретка можност за проучување на римски бањски комплекс во неговиот оригинален архитектонски контекст.
    Квалитетот на градбата, внимателно изведената хидроизолација, разновидноста на мермерните облоги, нивната завршна обработка и сложеноста на системот за загревање укажуваат на значителни вложувања во јавната инфраструктура. Овие откритија дополнително го потврдуваат економското и урбаното значење на градот на Исар во римскиот период.

    „Истражувањата открија и сведоштва за подоцнежните фази на користење на просторот. Над бањскиот комплекс се регистрирани остатоци од печка/топилница за железо и стакло, датирана во 4–5. век, како и дел од објект со претпоставена воена функција. Овие наоди укажуваат на промените во намената на просторот во текот на доцната антика, кога делови од некогашниот јавен комплекс добиле поинаква функција“, соопштија од Археолошкиот музеј.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира