Федералната агенција за цивилно воздухопловство на САД (FAA) ги приземји сите авиони и ги прекина летовите низ целата земја.
Во известувањето на Агенцијата стои дека забраната за полетување е воведена „поради вонредни околности и од безбедносни причини“. Сепак, американската влада не соопшти никакви детали за причините за оваа одлука.
Ова е првпат од јануари 2023 да биде воведена забрана за сите летови на национално ниво, кога дојде до дефект на клучен компјутерски систем на Федералната агенција. Пред тоа, последен пат сите летови беа запрени по терористичките напади од 11 септември 2001.
Според веб-страницата за следење на авиосообраќајот Флајтрадар24, во моментов околу 3.100 авиони се наоѓаат во воздух и се упатени кон аеродроми во САД. На социјалната мрежа Икс соопштија дека во овој момент не полетуваат нови авиони.
Во соопштението на Агенцијата се наведува дека меѓународните летови што се упатуваат кон САД ќе бидат регулирани „од случај до случај“.



