Не стивнуваат реакциите на родителите од Тетово чии деца во изминатиов период во повеќе наврати биле жртви на физичко и вербално малтретирање од страна на насилни малолетници на возраст од околу 13-14 години. Напаѓачите ги фаќале децата за гуша и им ги соблекувале јакните за да проверат дали носат маици со обележја на навивачката група на ФК „Тетекс“, „Војводи“, а сето тоа го снимале и го објавувале на мрежата Тикток.
Револтот кај родителите е уште поголем по состанокот што го одржа градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, со општинското раководство и со претставници од СВР Тетово, Советот за превенција од малолетничка деликвенција, Центарот за социјални работи – Тетово, како и со директорите на сите основни и средни училишта во општината. На тој состанок, на кој не биле повикани ниту родителите на малтретираните деца, ниту новинарите, било заклучено дека во инцидентите биле инволвирани малолетни навивачи на два фудбалски клуба од Тетово. Учесниците оцениле дека безбедносната состојба во градот е стабилна и дека не станува збор за меѓуетнички тензии, туку за изолирани меѓунавивачки конфликти, какви што се среќавале и во други градови во државата.
На ваквите заклучоци реагира тетовецот Дарко Гавроски, чие дете било нападнато и малтретирано од група малолетни насилници.
„Навивачки конфликт не е тепање обични деца кои не се навивачи додека шетаат низ град. За зборот „конфликт“ треба двајца. Овде се работи за едностран насилен напад, тепање обични деца кои не провоцирале ниту со навивање и скандирање, ниту со знамиња и факели, туку само се шетале, јаделе тост на голем одмор или оделе на тренинг. Ова не е навивачки конфликт, зашто жртвите не се навивачи. Тие не биле навивачи на натпревар, па ниту последните две тепани деца, меѓу кои е и син ми. Од ова произлегува дека тој, наместо жртва, е една од навивачките страни. Тој има 11 години, не знае ниту што е навивач, ниту скандирал, туку само одел на тренинг“, вели Гавровски.
Во објавата на Фејсбук, тој ги прашува учесниците на состанокот од кој полициски записник за пријавен напад заклучиле дека тепаните деца прво навивале за ФК „Тетекс“ пред да бидат нападнати.
„Со ова вие жртвите ги ставивте во иста кошница со напаѓачите, па, следствено, и ‘си го барале’, па и арно што се истепани, зашто биле навивачи исто како тепачите. Брука! А на тепаните сироти деца ни на памет не им било да навиваат пред да бидат нападнати. Ова е исто како силуваните жени кога се обвинуваат дека сами си го барале. Тоа е скандалозно и срам за професионалноста на педагозите, психолозите и социјалните работници седнати на панелот кој донел заклучок и во нивно име“, пишува Гавровски.
Тој потсетува дека според официјалните соопштенија, МВР досега регистрирало 12 вакви настани, за кои вели дека се од меѓуетнички карактер. Наспроти ова, полицијата со месеци не може да ги пронајде напаѓачите кои ги тепале децата и сето тоа го снимале и јавно го објавувале на социјалните мрежи.
З. АНДОНОВ



