„Татковина“ (Fatherland) на Павел Павликовски, за односот помеѓу германкиот писател Томас Ман и ќерка му Ерика по Втората светска војна, води во трката за 39. Европски филмски награди, а го следи „Црно топче“ (La Bola Negra) на Хавиер Калво и Хавиер Амброси. „Татковина“ има 11 номинации за Европските филмски награди (ЕФА), а „Црно топче” – триптих за историјата на сексуалноста кај геј мажите – освои 10 номинации. Двата филма ја поделија наградата за најдобар режисер на фестивалот во Кан.
На третото место со пет номинации е „Фјорд“ (Fjord) на Кристијан Мунџиу, годинешниот добитник на Златна палма, а следи „Роза“ (Rose) на Маркус Шлајнцер со четири номинации.
Павликовски, Калво и Амброси, како и Мунџиу, се натпреваруваат во категоријата за најдобар режисер, заедно со Сандра Волнер за филмот „Секојпат“ (Everytime) и Андреј Звјагинцев за „Минотаур“ (Minotaur) кој освои Гран при во Кан.
„Непозната жена“ на Меј ел-Тухи, годинешниот добитник на Златен лав во Венеција, освои три номинации.
Номинациите, кои Европската филмска академија ги објави денеска на Филмскиот фестивал во Солун, се засноваат на гласовите на 5.700-те членови на академијата. Церемонијата се емитуваше од неодамна реновираната некогашна Хамза џамија, која во градот е позната и како Алказар, по истоименото кино кое било таму со децении.
Победниците ќе бидат откриени на 16 јануари во Атина, на свеченоста во прочуениот центар “Ставрос Ниархос”, дело на легендарниот архитект Ренцо Пијано.
Сандра Хилер е номинирана во категоријата за најдобра актерка за улогите во „Татковина“ и „Роза“. Во истата категорија се натпреваруваат и Пенелопе Круз за „Бункер“, Леа Сејду за „Нежно чудовиште“ (Gentle Monster), Ренате Ренсве за „Фјорд“ и Матилда Арсел за „Непозната жена“ за кој беше наградена во Венеција.
Номинациите за најдобар актер ги добија: Хавиер Бардем за „Саканиот“ (The Beloved), Ендру Скот за „Елсинор“, Себастијан Стен за „Фјорд“, Сван Арло за „Човек на своето време“ (A Man of His Time) и Ханс Цишлер за „Татковина“.
Македонскиот филм „17″ на Косара Митиќ е меѓу шесте дебија номинирани за наградата Најдобро европско откритие – При ФИПРЕСЦИ, што во рамките на 39. Европски филмски награди ја доделува Европската филмска академија (ЕФА) заедно со Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.



