ПРОДАВАЧКА ВО ГРАНАП ВОЗНЕМИРИЛА ДЕТЕ СО АУТИЗАМ НАРЕКУВАЈЌИ ГО КРАДЕЦ ЗАШТО ВЛЕГЛО СО СОК ВО РАЦЕТЕ, ПА ПОТОА НЕ МОЖЕЛА ДА ГО СМИРИ НИ ТАА НИ МАЈКАТА, ЛЕКАРИ РАБОТАТ НА НЕГОВАТА ТРАУМА

    ПРОДАВАЧКА ВО ГРАНАП ВОЗНЕМИРИЛА ДЕТЕ СО АУТИЗАМ НАРЕКУВАЈЌИ ГО КРАДЕЦ ЗАШТО ВЛЕГЛО СО СОК ВО РАЦЕТЕ, ПА ПОТОА НЕ МОЖЕЛА ДА ГО СМИРИ НИ ТАА НИ МАЈКАТА, ЛЕКАРИ РАБОТАТ НА НЕГОВАТА ТРАУМАКомисијата за дискриминација вели дека при комуникација со дете со попреченост, не може да се применува општ критериум за вообичаена комуникација со купувачите (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила вознемирување врз основа на попреченост во областа на пристап до добра и услуги од страна на продавачка во гранап, откако таа му се втурила на дете кое влегло со претходно купено сокче, набедувајќи го дека го украл од нејзината продавница.

    Според претставката поднесена од мајката, продавачката викала по детето: „Зошто крадеш?“, додека тоа не можело да одговори. Фатило да се тресе, добило напад, завршило на психијатар, ноќе не спиело, одбивало да оди во училиште, поради што таа случајот го пријавила не само во КСЗД, туку и во полиција.

    Во претставката родителката наведува дека нејзиното малолетно дете има дијагностицирано нарушување од аутистичен спектар со високофункционален профил. Настанот се во непосредна близина на училиштето пред часовите, неколку минути пред 8.

    „Кога моето дете влегло во продавницата со пијалок купен од друга продавница, продавачката иако свесна за состојбата на детето, му се обратила со зборовите: ‘Зошто крадеш? Остави го сокот!’ и други неосновани констатации упатени пред луѓето присутни во продавницата. Притоа го нарекувала по име, го познава. Поради неговите специфични комуникациски и социјални потреби, детето не успеало соодветно да ја објасни ситуацијата“, наведува пријавителката.

    Како последица на настанот, детето било видно вознемирено, плачело и покажувало страв и отпор кон повторно влегување во продавницата. Во претставката дополнително се наведува дека при последователниот разговор, во присуство на родителот продавачката повторно се обратила со повишен тон и ја коментирала состојбата на детето.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација врз основа на чл. 27, ст. 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, испратила Барање за произнесување по претставката до посочената продавачка.

    Таа преку адвокат ги оспорила наводите на мајката и навела дека детето било вознемирено поради тоа што не можело да го пронајде својот паричник. Тврди дека се обидувала да го смири детето и да му помогне, без да употреби навредливи или дискриминаторски зборови.

    Кон изјаснувањето приложила две писмени изјави од лица кои биле присутни во маркетот. Во нив се потврдува дека детето плачело и го барало паричникот, како и дека продавачката се обидувала да го смири.

    Меѓутоа, Комисијата оцени дека овие изјави не ги опфаќаат сите околности на кои се повикува подносителката, особено последователната комуникација во присуство на мајката на детето. Оттука, нивната содржина не може да се третира како целосно побивање на сите наводи од претставката.

    Комисијата извршила увид и во доставената документација и стручно мислење од Невроразвојниот центар „Во мојот свет“, изготвена еден ден по настанот. Во документот е наведено дека малолетното дете кое има дијагностицирано нарушување од аутистичниот спектар, било донесено на стручна консултација поради доживеан трауматичен настан. При консултацијата биле забележани изразена вознемиреност, анксиозност и промени во неговото секојдневно функционирање. Дополнително е забележано дека на емоционален план детето доживеало вознемиреност и чувство на страв, додека на бихејвиорален план имало повлекување, одбивање да се посетува училиште, и несоница. Во стручниот наод е наведена дијагноза F43.0 – акутна реакција на стрес, а препорачано е психолошко советување и продолжување на терапевтската поддршка.

    Врз основа на сите доставени документи Комисијата смета дека при оценувањето на постапувањето кон дете со попреченост не може да се применува исклучиво општ критериум за вообичаена комуникација со купувачите. Неопходно е да се земат предвид возраста на детето, неговата попреченост, неговата можност да ја разбере и објасни ситуацијата и начинот на кој однесувањето на возрасно лице може да влијае врз неговото достоинство.

    Согласно член 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, вознемирување претставува несакано постапување кон лице или група на лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

    Но, за утврдување вознемирување Комисијата вели дека не е неопходно да постои намера за повредување на достоинството. Релевантни се и последиците од постапувањето, оценети во контекст на конкретните околности.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорача продавачката во иднина да се воздржува од какво било вознемирувачко, понижувачко или навредливо постапување кон лица со попреченост, особено кон деца со попреченост, при пристапот до добра и услуги, водејќи сметка за нивното достоинство, индивидуалните потреби и правото на еднаков третман.

    Полициските службеници презеле дејствија по пријавата за овој настан, вклучително и разговор со продавачката на која ѝ било изречено усно предупредување, за што била составена службена белешка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира