Монументалната слика „Тешкото“ од Никола Мартиноски (1952–1953) е конзервирана и реставрирана на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје. Делото е масло на платно, со димензии 350,8 × 99,6 сантиметри (со рамка 365,5 × 115 сантиметри), а во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.
Сликата била конзервирана во октомври годинава, во Лабораторијата за уметничка технологија, конзервација и реставрација на уметнички дела – CARE Lab при Факултетот за ликовни уметности. Ментори и раководители на конзерваторско-реставраторскиот третман се м-р Марија Сотировска-Богдановска, доцент, и м-р Маријета Сидовски, насловен доцент и виш конзерватор-реставратор.
Сотировска-Богдановска ни рече дека во процесот биле вклучени 14 студенти на Факултетот, кои го имаат избрано наставниот предмет Заштита и реставрација. Учесници во локалната превентивна заштита беа Даниела Дамјаноска, Ивана Денчевска, Михаела Димитровска, Џина Димковска, Јована Кирјаковска, Ана Маленкова, Анастасија Недељковска, Бојана Николова, Ана Ристеска и Наталија Стојанческа. Во конзерваторско-реставраторскиот процес учествуваа Трајче Томов, Андреј Митевски (втор циклус), Марија Костадиновска и Бојана Цилевска.
Процесот траел околу пет недели, од 5 октомври до 7 ноември.
„Овој проект покажува дека УКИМ се грижи за своето културно наследство што го има, и дека таа грижа се учи и се пренесува на студентите“, ни рече Сотировска-Богдановска.
Третманот бил изведен во рамките на проектот „Конзервација на сликата ‘Тешкото’ – зачувување на културното наследство“, финансиран од средствата за информативни, културни, спортски, студентски сервиси и други активности на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје за 2026.
„Работата се засноваше врз принципите на зелената и одржлива конзервација, со водени системи за чистење, минимална интервенција и почитување на материјалниот интегритет на делото. Реализацијата на проектот претставува придонес кон интегрирањето на современите конзерваторски методологии во високото образование и кон поврзувањето на научните сознанија со практичната заштита на културното наследство“, велат од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ).
Б. НЕСТОРОСКА




