ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ДОЛЖИ 157 МИЛИОНИ ЕВРА, НАЈМНОГУ ЗАЕДНИЧКИТЕ СЛУЖБИ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР И ОНКОЛОГИЈА

ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ДОЛЖИ 157 МИЛИОНИ ЕВРА, НАЈМНОГУ ЗАЕДНИЧКИТЕ СЛУЖБИ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР И ОНКОЛОГИЈАНа врвот на листата должници е Јавната установа за потребите на универзитетските клиники, односно Заедничките служби, со доспеан долг од 2,23 милијарди денари или 36,27 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

Јавните здравствени установи имаат вкупни доспеани, а неплатени обврски од 9,66 милијарди денари или околу 157,18 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии за третиот квартал од 2026 година. Овој износ претставува 22,05 отсто од вкупниот пријавен јавен долг на државата. Дополнително, здравствените установи имаат и 2,8 милијарди денари, односно околу 45,58 милиони евра недоспеани обврски за тековната фискална година.

Најголемиот дел од долгот е концентриран во скопскиот клинички центар Мајка Тереза, во Институтот за трансфузиологија и во поголемите општи и клинички болници низ државата. Само Заедничките служби на универзитетските клиники и Клиниката за радиотерапија и онкологија заедно должат над 4,12 милијарди денари или речиси 67 милиони евра, што е повеќе од 42 отсто од вкупниот доспеан долг на целото јавно здравство.

На врвот на листата должници е Јавната установа за потребите на универзитетските клиники, односно Заедничките служби, со доспеан долг од 2,23 милијарди денари или 36,27 милиони евра и без недоспеани обврски. Веднаш зад неа е Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија со 1,89 милијарди денари или 30,73 милиони евра доспеани долгови, како и 853,7 милиони денари недоспеани обврски. Трет најголем должник е Институтот за трансфузиона медицина со 782 милиони денари или 12,72 милиони евра.

Меѓу најзадолжените се и клиниките за хематологија со 604,6 милиони денари (9,83 милиони евра), кардиологија со 495 милиони денари (8,05 милиони евра) и детски болести со 467,7 милиони денари (7,61 милиони евра), која има и 533,7 милиони денари недоспеани обврски. По нив следуваат Здравствен дом Скопје со 372,8 милиони денари (6,06 милиони евра), ТОАРИЛУЦ со 339 милиони денари (5,51 милиони евра), Гинекологија и акушерство со 338,7 милиони денари (5,51 милиони евра) и Неврологија со 245,9 милиони денари (4 милиони евра).

Во првите 15 должници влегуваат и скопските градски болници Св. Наум Охридски со 241,1 милион денари (3,92 милиони евра) и 8-ми Септември со 227,1 милион денари (3,69 милиони евра), Клиниката за дигестивна хирургија со 237,4 милиони денари (3,86 милиони евра), Општата болница во Прилеп со 165,5 милиони денари (2,69 милиони евра) и Клиничката болница во Битола со 159,5 милиони денари (2,59 милиони евра).

Покрај првите 15, уште 16 здравствени установи имаат доспеани долгови над 100 милиони денари. Меѓу нив се Клиниката за клиничка биохемија, општите болници во Струга, Охрид, Гостивар, Велес и Куманово, Заводот за нефрологија во Струга, Клиничката болница во Штип, Центарот за јавно здравје во Куманово, како и скопските клиники за пластична хирургија, неврохирургија, гастроентерохепатологија, пулмологија, торакална хирургија, урологија и детска хирургија.

Високите долгови кај установите како Онкологија, Хематологија, Трансфузиологија и Кардиологија се поврзани со набавката на лекови и медицински материјали, односно со буџетската ставка 423 за материјали и ситен инвентар, која на национално ниво надминува 9,2 милијарди денари.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира