Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, направил ротација на директорските места во јавните претпријатија бидејќи им истекнува шестмесечниот статус на вршител на должност. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од вработените во претпријатијата, речено им е дека директорите ќе бидат вратени за неколку дена и повторно ќе им тече рокот од шест месеци за в. д. директори.
Директорот на ЈП „Улици и патишта”, Борис Настов, сега е директор на „Комунална хигиена”, чиј директор Драги Митковски дојде на чело на „Водовод и канализација”. Досегашниот директор на „Водовод”, Иван Миртовски, е привремено ротиран во ЈСП, а директорот на ЈСП, Сашо Илиевски, во „Улици и патишта”.
Ѓорѓиевски ни потврди дека е направено ротирање на директорите. На нашето прашање дали тоа е изигрување на законот, ни рече дека можеби нема сите да бидат вратени на старите позиции.
Со измените на Законот за висока раководна служба, чија примена почна на 1 октомври 2026, в. д. директори можат да останат на функција само еден мандат во траење од најмногу шест месеци.
А. АНТЕВСКА



