Паоло Булгари, поранешниот претседател на италијанската модна куќа за накит „Булгари“, почина во Рим на 89 години. Како внук на основачот на брендот, Сотирио Булгари кој бил Влав од Грција, тој одигра клучна улога во меѓународниот раст на компанијата. Неговото семејство го нарече „извонредна личност“ со „длабока хуманост“ и „талент на претприемач кој ја сакаше Италија и беше нејзин амбасадор во светот“.
Роден во Рим во 1937, Паоло Булгари се приклучил на семејниот бизнис уште во младоста, како дизајнер на накит. Во 1984 станал претседател на компанијата. Во 2011, семејството го продаде својот контролен удел во брендот на француската групација за луксузни стоки ЛВМХ. Неговиот внук Франческо Трапани, кој три децении управувал со компанијата како главен извршен директор, почина во септември 2025. Од јули 2026, на чело на брендот како главен извршен директор е Лаура Бурдезе. На овогодинешната ранг-листа на „ФешнЈунајтед“ за 100-те најбогати луѓе во модната индустрија, Паоло Булгари и неговото семејство се најдоа на 70-тото место.
Во 2019, Булгари ја основаше фондацијата „Паоло Булгари“, кој им дава поддршка на децата и младите, со фокус на справување со образовната сиромаштија и помагање на училиштата во посиромашните делови на Рим. Уште од самиот почеток, таа е насочена кон источниот дел на главниот град преку две големи иницијативи: образовниот проект „Креско“ и алијансата „Торнасоле“. Од февруари 2023, фондацијата е заведена во италијанскиот национален регистар како филантропски субјект.



