НАПАДОТ ВРЗ РУСКИОТ ВОЕН БРОД ВО ЛИБИЈА БЕШЕ САМООДБРАНА, ВЕЛИ УКРАИНА

НАПАДОТ ВРЗ РУСКИОТ ВОЕН БРОД ВО ЛИБИЈА БЕШЕ САМООДБРАНА, ВЕЛИ УКРАИНАВо украинската воена операција беше потопена руската корвета „Меркур“ во пристаништето во Бенгази (Фото: Планет лабс)

Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека нападите врз руски воен брод и товарен брод во либиските води извршени викендов претставуваат легитимен чин на самоодбрана.

„И руските воени бродови и товарните бродови што превезуваат воена опрема се легитимни цели. Правото на Украина на самоодбрана е вградено во Член 51 од Повелбата на Обединетите нации“, кажа Сибиха, реагирајќи на критиките на либиската влада.

Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи ја осуди украинската воена операција во која беше потопена руската корвета „Меркур“ во пристаништето во Бенгази. Оттаму порачаа дека Либија нема да дозволи да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.

Бенгази е под контрола на воениот командант Калифа Хафтар, чија Либиска национална армија одржува врски со Русија.

„Украина никого не вовлекува во војната, ниту, пак, ја пренесува војната каде било. Украина ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Либија. Нагласуваме дека дејствијата на Украина се насочени кон спротивставување на руската вооружена агресија и немаат за цел да ѝ наштетат на Либија. Меѓународното право не го ограничува правото на самоодбрана на територијата каде што се одвива агресијата“, рече Сибиха.

Володимир Зеленски вчера потврди дека украински поморски дронови го потопиле рускиот воен брод крај брегот на Либија, а во нападот бил погоден и руски товарен брод. Бенгази е оддалечен повеќе од 2.200 километри од Киев, при што Албанија негираше дека дроновите биле лансирани од нејзина територија.

Русија досега не се огласила за нападот.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира