НА ДИЈАЛИЗА ВО ТЕТОВО СЕ 170 БУБРЕЖНИ БОЛНИ, СО ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО СЕ ЗГОЛЕМУВА МОЖНОСТА ЗА ПРЕСАДУВАЊЕ, РЕКОА НА ТРИБИНАТА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА

НА ДИЈАЛИЗА ВО ТЕТОВО СЕ 170 БУБРЕЖНИ БОЛНИ, СО ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО СЕ ЗГОЛЕМУВА МОЖНОСТА ЗА ПРЕСАДУВАЊЕ, РЕКОА НА ТРИБИНАТА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈАДосега дарителот можеше да биде до трето роднинско колено, а сега е до четврто роднинско колено, што е многу важно за пациентите кои што чекаат бубрег. (Фото: СДК.МК)

Во Тетово 170 лица се на дијализа поради нефункционалноста на нивните бубрези. Најдолемиот дел од нив можноста за подобар живот ја гледаат во пресадување на бубрег од дарител, што беше и темата на едукативната трибина „Да зборуваме за хроничната бубрежна болест, донирањето органи и трансплантацијата“ организирана од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ од Тетово.

„Нашата активност, во текот на целата година е подигање на свеста кај населението за да се спречат бубрежните заболувања, како и да се подигне свеста за органодарителство. Околу 10 отсто од вкупната популација има некаква бубрежна болест, само еден помал дел од тие завршуваат на дијализа. Нашата желба е да што помалку пациенти имаме на дијализа и да се прават трансплантации. Трансплантација може да биде од познат дарител од потесното семејство или од починат (кадавер) од мозочна смрт. За да можат тие трансплантации да се прават треба да има донирање органи. Значи свеста за донирање треба да се подигне и на тој начин ќе се спасат многу животи“, рече д-р Душко Ѓоргиев, претседател на „Нефрон“.

Новиот закон за земање и пресадување на делови од човечко тело со цел за лекување, односно Закон за трансплантација, е поминат во собраниска процедура и како што вели националната координаторка за трансплантација во земјава, проф. д-р Билјана Кузмановска, се создава добра основа за унапредување на можностите за дарување органи.

„Сега е во тек е донесување на подзаконските акти, односно интер-ресорско усогласување за да конечно може да бидат и подзаконските акти во функција. Но она што е во функција сега за сега е промената, која што е многу важна, особено за бубрежните болни, а тоа е можност за живодарување до четврто колено. Досега беше до трето роднинско колено, а сега е до четврто роднинско колено, тоа е многу важно за пациентите кои што чекаат бубрег. Тоа значи дека се проширува фондот на дарители којшто можат да даруваат бубрег“, рече д-р Кузмановска.

Здружението „Нефрон“ ваква трибина до сега одржало во Струга, а во наредниот период следуваат исти настани во Скопје и Куманово.

З. АНДОНОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира