Народната банка (НБРСМ) го прошири пристапот до средствата на клиентите на битолската „Алта банка“, откако претходно истата можност им беше овозможена и на физичките лица. Фирмите што имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола од денеска може неограничено да располагаат со новите приливи префрлени од платежни сметки во други банки и кај други даватели на платежни услуги, соопшти Народната банка.
Ова значи дека правните лица ќе можат во целост да ги користат дополнително пристигнатите средства, без ограничување на износот, доколку тие се пренесени од сметки отворени во други финансиски институции.
Претходно, истата можност им беше овозможена и на физичките лица клиенти на „Алта банка“. Тие можат целосно да располагаат со новите приливи од други банки, вклучително и плати, пензии и социјални трансфери. Средствата може да се користат преку електронско и мобилно банкарство, со платежни картички или со подигање готовина на шалтерите на банката.
Според Народната банка, клиентите немаат потреба да отвораат платежни сметки во други банки за да располагаат со овие приливи во целосен износ.
„Алта банка“ од први ноември е под времена администрација на Народна банка, а на 30 ноември ќе се одржи првата аукција за продажба на битолската банка, со почетна цена од 3.777 денари по акција. На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 отсто од вкупниот број акции на Банката, во сопственост на „Алта банка“ АД Белград во стечај.
Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза, според моделот „сè или ништо“, односно купувачот ќе мора да го преземе целиот понуден пакет, без можност да купи само дел од акциите. Досега е откриено дека меѓу заинтересираните купувачи ќе биде „Комерцијална банка“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



