ПОЧИНА ГИТАРИСТОТ НА „ДЈУРАН ДЈУРАН“, ЕНДИ ТЕЈЛОР

ПОЧИНА ГИТАРИСТОТ НА „ДЈУРАН ДЈУРАН“, ЕНДИ ТЕЈЛОРТејлор беше коавтор на некои од најголемите хитови на групата (Фото: ПА)

Енди Тејлор, гитаристот на британскиот поп-рок бенд „Дјуран Дјуран“, почина на 65-годишна возраст по борба со рак на панкреас. Болеста му била дијагностицирана во 2018 година.

Тејлор беше коавтор на некои од најголемите хитови на групата, меѓу кои „Hungry Like the Wolf“, „Rio“ и „Girls on Film“. Членовите на бендот истакнаа дека Тејлор внел уникатен стил во нивниот звук.

„Енди беше тука уште на самиот почеток на нашата приказна. Од моментот кога пристигна во Бирмингем носејќи гитара и непоколеблива верба во она што би можеле да станеме, тој внесе оган и самодоверба во нашата музика“, изјавија тие.

Иако болен, Тејлор им се придружи на своите колеги кога групата беше примена во Рокенрол халата на славните во 2022.

Роден во 1961, Тејлор почнал да учи гитара на 11-годишна возраст и подоцна го напуштил училиштето за да свири низ Англија и Европа со неколку музички групи. Откако се преселил во Бирмингем, во 1980 година се приклучил на „Дјуран Дјуран“.

Групата потпиша договор со издавачката куќа „ЕМИ рекордс“ и во 1981 година го издаде својот деби-албум насловен „Дјуран Дјуран“. Иако албумот беше успешен во Велика Британија, светската слава дојде со албумот „Рио“ од 1982 година.

Тејлор ја напушти групата на врвот на славата во 1986, но се врати во 2001 и свиреше на албумот „Астронаут“ од 2004, пред повторно да замине две години подоцна. По долга пауза од музиката, уште еднаш ѝ се придружи на групата во 2023 за да го сними нејзиниот, засега последен албум „Danse Macabre“.

По првото заминување од групата, Тејлор соработуваше со други пејачи, како Роберт Палмер, Род Стјуарт и Белинда Карлајл, а во 1987 година го објави и својот прв соло албум.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира