На 28 ноември во 13 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје ќе се отвори меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова. Преку дела на меѓународни и македонски уметници, изложбата, како што велат авторките, отвора прашања за односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, за насилството и експлоатацијата, но и за можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.
„Зошто изложба за животните, и зошто токму сега? Во време на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите и сè поизразена еколошка нерамнотежа, односот кон животните станува едно од суштинските прашања за тоа како го разбираме светот и нашето место во него. Иако грижата сè почесто се истакнува како заедничка општествена вредност, секојдневната реалност покажува дека таа останува селективна, нееднакво распределена и често отсутна. Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници. Начинот на кој се однесуваме кон нив открива многу за тоа како ја разбираме грижата, солидарноста и одговорноста. Затоа изложбата не е само за животните, туку и за нас самите, за границите на нашата емпатија и за можноста да замислиме поинакви односи на заедничко живеење“, велат Гаќина и Попова.
Ќе се изложат дела од: Аби Палмер, Ахмет Огут, Гал Кирн, Дритон Селмани, Ѓорѓе Јовановиќ, Елене Глонти, Изабела Левенска Миљаниќ, Илија Прокопиев, Јане Чаловски, Кикуја Сатоши, Клелија Живковиќ, Крсто Глигорјадис, Марија Цагкари, Маурицио Гати, Немања Миленковиќ, Оља Триашка Стефановиќ, Осама Затар, Роман Селим Кередин, Христина Иваноска и Ченг Синхао.
Иако изложбата се занимава со глобални еколошки и политички прашања, нејзината појдовна точка е и непосредната реалност во Македонија. Бројните бездомни кучиња и други животни на улиците на Скопје се дел од секојдневието на градот, но истовремено се изложени на занемарување, насилство, труење и убивање.
„Нивното присуство ги прави видливи противречностите во односот на општеството кон животните: од една страна, тие се дел од нашата заедничка урбана средина, а од друга, нивното постоење често се третира како проблем што треба да се отстрани. Оттука, изложбата отвора прашања што ги надминуваат рамките на заштитата и благосостојбата на животните. Таа ја преиспитува институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството, но и начините на кои одлучуваме чии животи заслужуваат заштита, а чии остануваат незабележани“, додаваат од МСУ.
Отворањето на изложбата ќе биде проследено со диџеј сет на Нино Наумов.


