Петмина навивачи на Левски Софија беа однесени во болница по насилствата пред натпреварот од Лига Европа против Марсеј, за што францускиот и бугарскиот претседател ги обвинија домашните навивачи. Почетокот на натпреварот на „Стад Велодром“ беше нарушен од судири на трибините помеѓу двете групи навивачи, кои фрлаа ракети и факели.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди „на најсилен можен начин насилствата насочени кон бугарските навивачи“, соопшти Елисејската палата. Бугарската претседателка Илијана Јотова го нарече инцидентот „неприфатлив“ и „шокантен“.
„Нападите врз бугарските навивачи ја осквернуваат играат што обединува милиони луѓе низ целиот свет. Секој треба да може да го поддржува својот тим без да се плаши за својата безбедност“, напиша Јотова на Фејсбук.
Макрон разговарал со Јотова на маргините на самитот на ЕУ во Брисел, уверувајќи ја дека „овие дела нема да останат неказнети“, соопшти Елисејската палата.
Неколку стотици навивачи на Марсеј истрчаа од својата трибина околу 10 минути пред почетокот на натпреварот за да бркаат група навивачи на Левски. Тие упаднаа на трибината наменета за гостинските навивачи, каде што беа собрани околу 500 фанови на Левски, при што избувна тепачка.
„Пет лица се однесени во болница со повреди на око, глава и рамо. Шест други лица беа згрижени на самото место поради разни рани. Сите повредени се Бугари. Во оваа фаза нема информации за евентуални апсења“, изјави извор од полицијата на Марсеј.



