ХАКИРАНА ГЛАВНАТА КОМПЈУТЕРСКА ПЛАТФОРМА НА ВОЕНОТО ВОЗДУХОПЛОВСТВО НА САД

ХАКИРАНА ГЛАВНАТА КОМПЈУТЕРСКА ПЛАТФОРМА НА ВОЕНОТО ВОЗДУХОПЛОВСТВО НА САДОвој инцидент би можел да загрози голем обем на чувствителни тактички, кадровски и логистички податоци. (Фото: АП)

Хакери извршиле упад во главната платформа за компјутерско работење во облак (cloud computing) на Военото воздухопловство на САД, изјавиле за „Ројтерс“ три лица запознаени со случајот. Овој инцидент би можел да загрози голем обем на чувствителни тактички, кадровски и логистички податоци.

Упадот во платформата „Клауд 1“ (Cloud One) бил откриен во текот на изминатиот месец, за време на активности за надградба на системот, навеле две од лицата, додавајќи дека откритието предизвикало нарушувања во функционирањето на целата платформа. „Ројтерс“ не успеа да го утврди идентитетот на хакерите, целосниот обем на упадот, ниту пак дали биле украдени некакви податоци.
Во изјава за „Ројтерс“, од Военото воздухопловство наведоа дека „не даваат коментари за безбедносната состојба, ранливостите или оперативниот статус на конкретни мрежи и системи. Континуирано преземаме соодветни мерки за заштита на информациите, системите и оперативните капацитети на Министерството за Воено воздухопловство“.

Платформата „Клауд 1“, чиј развој започна во 2017 година, е замислена како централизирано решение за сите ИТ потреби на Военото воздухопловство. Таа ги обединува ресурсите на четири оператори – „Мајкрософт“ „Амазон“, „Оракл“ и „Алфабет“ – за поддршка на бројни апликации, вклучително и оние што управуваат со кадровски податоци, исплата на плати, логистика и одржување.

Меѓу нив се и системот на Военото воздухопловство за команда и контрола базиран во облак, кој собира податоци од радарите за противвоздушна одбрана и други извори низ Северна Америка, како и „Интегрираниот борбен систем за муниција“, кој врши следење на бомби и ракети на повеќе од 200 локации на американското Воено воздухопловство ширум светот.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира