Министерството за труд и пензии на Велика Британија потврди дека било цел на сајбернапад, откако вчера првично го окарактеризира настанот како „сајбер-инцидент“. Поради нападот, министерството привремено ги исклучи од интернет своите услуги за социјална помош и пензии, вклучително и универзалниот кредит и надоместокот за лица со попреченост. Од Владата претходно соопштија дека нема индикации оти се украдени лични податоци.
Редовните исплати на социјална помош и пензии не се засегнати и ќе продолжат да се исплаќаат вообичаено, потврди министерството. Истрагата сè уште е во тек, а засега не е познато кој стои зад нападот, дали биле пристапени какви било податоци, каков вид податоци можеби биле засегнати, иако владата засега тврди дека нема докази за компромитирање на личните податоци, колку луѓе би можеле да бидат погодени и кога услугите повторно ќе бидат достапни.
Ова не е првпат веб-страниците на британските владини институции да бидат цел на сајбернапади. Во април 2025 година, владата соопшти дека хакери упаднале во онлајн-системите на Агенцијата за правна помош. Напаѓачите пристапиле до „значителен обем“ лични податоци собрани во текот на повеќе децении, вклучително и контакт-податоци на лица кои аплицирале за правна помош. Агенцијата привремено исклучила дел од своите услуги додека се справувала со нападот.
Претходно овој месец, Националниот центар за сајбер-безбедност објави извештај во кој ги повика организациите да ја зајакнат заштитата од хакерски напади, со оглед на сè поголемите можности и сложеноста на вештачката интелигенција.



