Публиката неколку минути беше на нозе и му аплаудираше на легендарниот Славе Димитров на концертот „Од Евридика до Чија си“, кој вчера во Филхармонијата го одржа Националниот џез оркестар во чест на 80. роденден на Димитров.
Славниот музичар се расплака пеејќи ја легендарната „Чија си“ заедно со целата публика на крајот од концертот. Со многу емоции, Димитров одлично ја испеа песната која е прогласена за хит на векот, а ја одбележа неговата кариера.
Повеќе од 20 песни кои тој ги напишал и ги испеал, со интересни приказни ги најави актерот Игор Џамбазов. Беше во право кога кажа дека настанот ќе го раскажуваме долго, а ќе го паметиме цел живот. Концертот, на кој диригираше Џијан Емин, се распродаде за десет часа, а се одржа на иницијатива на синовите на Славе Димитров, Дарко и Оливер, и неговиот внук Горан Саздановски.
„Кога го гледам овој репертоар, сфаќам кој е мојот чичко Славе“, кажа Игор Џамбазов на почетокот од концертот. Димитров беше близок пријател и соработник на неговиот татко, легендарниот композитор и диригент Александар Џамбазов.
„Одиме до Опатија, до Загреб, Белград, преку Скопскиот фестивал. Вечерва правиме омаж на еден човек кој никогаш не кокетираше на вулгарен начин со публиката. Тој не сакаше неговите песни да звучат обременети со сува техника, туку го имаше она чувство на едноставност, импресиониран од најголемата муза на уметниците, љубовта“, рече Џамбазов.

Славе Димитров ја испеа „Чија си“ заедно со сите пејачи и оркестарот со кој диригираше Џијан Емин. (Фото: К. Попов)
Интересна е приказната за средбата на Славе Димитров со писателот Блаже Конески, во воз на патот од Белград.
„Чичко Славе го прашал Блаже Конески дали во популарната музика треба да се користи строго литературниот јазик. Конески му одговорил дека може да има отстапки во интерес на мелодијата“. Така Џамбазов ја најави „Нежност“, која извонредно ја испеа Калиопи, а „Очи“, со текст на Ацо Шопов, ја испеа самиот, најавувајќи се како „младиот, талентиран актер кој сака да пее“.

Еден од најголемите хитови, „Каде песно моја“, беше одличен избор за Каролина Гочева. (Фото: К. Попов)
Секоја песна беше одлично избрана за секој од пејачите, а настапија најголемите македонски ѕвезди и млади пејачи: Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ и Миа Перевска, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Ѓошева, Маја Саздановска, Мартија Станојковиќ, Ана Костадиновска и Лина Пејовска.
Освен легендарните „Каде песно моја“, „Делфина“ и „Ти си песна што ќе трае“ од Верица Ристевска, која, како што кажа Џамбазов, е омилената пејачка на Славе Димитров, ги слушавме и детските хитови со кои растевме.

Легендарната детска песна „Во светот на бајните“ ја пееја внуките на Славе Димиров, Олгица Христовска и Маја Сазадановска. (Фото: К. Попов)
„Сакам сега сите од своите места да му се поклониме на чичко Славе“, рече Џамбазов на крајот од концертот, кога сите пејачи беа на сцената, заедно со синовите и внуците на Димитров.

Публиката го запеа хитот „Ѕм, ѕм, ѕм, ѕм“ со Александар и Дац, Маја Гроздановска-Панчева и Билјана Ѓошева. (Фото: К. Попов)
Неодамна, во издание на „Арс либрис“, како дел од „Арс ламина – публикации“, излезе авторизираната биографија „Чија си“ од Максим Ристески. Книгата ги опфаќа животот, музичката кариера и творештвото на Димитров, а е објавена во годината кога се одбележуваат 80 години од неговото раѓање и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.
М. ЏАРОВСКА









