ПРЕКИНА СО РАБОТА КАМЕНОЛОМОТ НАД БИТОЛА

    ПРЕКИНА СО РАБОТА КАМЕНОЛОМОТ НАД БИТОЛАКаменоломот над Битола нема да работи сè додека не добие Б интегрирана дозвола. (Фото: СДК.МК)

    Фирмата ДОО „Стентон“ денеска запре со ископување на гранит над Битола. Времената мерка ќе ја применуваат сè додека не им биде издадена Б интегрирана еколошка дозвола. Ваквата одлука на компанијата следуваше откако вчера медиумите известија дека инспекторатот за животна средина ќе ја казни фирмата зашто продолжила да копа руди и покрај забраната што им ја изрекле на 27 март.

    На денешната прес конференција преставниците од ДОО „Стентон“ беа запрашани дали со запирањето на работата всушност потврдуваат дека шеснаесет дена незаконски ископувале гранит. Гоце Стојановски, архитект инженер од ДОО „Стентон“ рече дека ќе ја плателе глобата од 5 до 6 илјади евра, но сметаа дека тие не го прекршиле законот, туку институциите.

    „Во член 53 од Законот за миниерални суровини со самото издавање на дозвола од Министерство за економија за експлоатација , ние имаме право за експлоатација. Издавањето на Б интегирана дозвола е процес што треба да биди во текот на работењето на рудникот. Казната ќе ја платиме, но не го прекршивме законот. Законот го прекршија институциите кои не ни ја издаваат дозволата знаејќи притоа дека комплетната документација им е доставена“, рече Стојановски.

    Тој посочи дека до надлежните институции доставиле два елабората за испитување на количеството на ПМ честичките и за звучните емисии, според кои сè е во рамките на дозволеното. Отука се изненадени зошто Комисијата за животна средина донела решение за неиздавање на Б интегрираната дозвола.

    Новинарите го запрашаа зошто не можат да ја добијат дозволата кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а тие важат како фирма блиска до оваа партија.
    „Не се согласувам дека сме компанија блиска до ВМРО-ДПМНЕ, ние се компанија која треба да работи без разлика која партија е на власт. Ние само 10 проценти од проектите на општина ги работиме , ако бевме блиски ќе работевме многу повеќе“, рече Стојановски.

    Тој обвини дека рудникот станал главна политичка тема и одредени политички партии во јавноста ширеле манипулации за неговото работење. Поради ова рече дека фирмата ќе размисли дали од одредени физички или правни лица во иднина ќе побара одговорност за загубите што ги трпат, а изнесуваат илјадници евра.
    Од ДОО „Стентон“ рекоа дека иницијативата за отворање на каменоломот не била нивна.
    „Тетовска фирма поднесе барање до Министерството за економија дали може да ископува на оваа локација. Министерството ја праша општина Битола, а таа одговори позитивно дека може да се ескплоатира. Но, таа фирма во дадениот рок не ги плати средствата кон министерството, па ние како второрангирана фирма ја зедовме концесијата“, рече Стојановски. (Ж.З.)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира