РАСПУКА БАРОКОТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА НА „СИТИ ГАЛЕРИ“, ЌЕ ГО ПОПРАВА ИЗВЕДУВАЧОТ ОТИ ФАСАДАТА УШТЕ БИЛА ПОД ГАРАНЦИЈА

    РАСПУКА БАРОКОТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА НА „СИТИ ГАЛЕРИ“, ЌЕ ГО ПОПРАВА ИЗВЕДУВАЧОТ ОТИ ФАСАДАТА УШТЕ БИЛА ПОД ГАРАНЦИЈАОва е една од низата скапи барокни фасади со кои власта на ВМРО-ДПМНЕ ги преслече модерните објекти во центарот, а во рамките на контроверзниот проект „Скопје 2014“ за кој се потрошија околу 700 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Барокната фасада на стоковната куќа „Сити галери“ на Плоштад Македонија во Скопје на неколку места над главниот влез е распукана. На делови се гледаат поправки, но и тие попуштиле. Градежните  активности за рефасадирањето на овој објект завршија неодамна, веќе се отстранети скелињата и сите помагала за градење на барокот, но изведувачот ќе мора да се врати на објектот. Оваа фасада за 1,5 милион евра ја направи фирмата „Урбан инвест“ од Кавадарци. Од Градот велат дека нивна е обврската за поправки на недостатоците.

    Ова е една од низата скапи барокни фасади со кои власта на ВМРО-ДПМНЕ ги преслече модерните објекти во центарот, а во рамките на контроверзниот проект „Скопје 2014“ за кој се потрошија околу 700 милиони евра.

    Оваа фасада за 1,5 милион евра ја направи фирмата „Урбан инвест“ од Кавадарци, а иако градежните активности за рефасадирањето завршија неодамна, има пукнатини на неколку места, а дел се и прикрпени (Фото: СДК.МК)

    „Проектот за реконструкција на фасадите е владина програма која во дел се реализира преку Град Скопје со средства од централниот буџет. При реализација на реконструктивните зафати, изведувачот се обврзува определен временски период да го гарантира одржувањето и отстранувањето на сите недостатоци кои евентуално ќе настанат на фасадите. Таков е случајот и со зградата  ’Сити галери’  и тука ќе бидат преземени зафати од страна на изведувачот за санација на покажаните недостатоци и дополнителна контрола на објектот. По завршувањето на гарантниот период, одржувањето минува на сопствениците на деловните и станбени објекти“, велат од Град Скопје, под чиј надзор се рефасадираше овој објект изграден во 1959, кој пред барокната преслека беше еден од највпечатливите примери на модерната во Скопје.

    Од Град Скопје не открија колку време трае гарантниот период за фасадата во кој обврска за поправки има изведувачот, а не сопственикот или корисникот на обновениот објект.

    Славко Брезовски, авторот на објектот што беше еден од највпечатливите примери на модерната во Скопје кој почина минатиот месец, во неколку наврати се изјасни дека не е согласен стаклената фасада на некогашната стоковна куќа „На-Ма“ да се прекрие со гипс-картон во барок стил. (Фото: Н. Брезовска)

    Брокот за оваа зграда, која се надоврзува на некогашен „Метропол“, го нацртаа Лазар Димов и Никола Стакинов, творци на идејниот проект за новата фасада. Основниот проект го изработи „Инком инженеринг“ од Скопје.

    И едните и другите работеа против волјата на авторот на објектот Славко Брезовски кој го дизајнирал во 1956. Тој почина минатиот месец, но во неколку наврати се изјасни дека не е согласен стаклената фасада на некогашната стоковна куќа „На-Ма“ да се прекрие со гипс-картон во барок стил.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира