Во Њујорк се отвори ресторан за домашни рецепти приготвени од баби готвачки. Њујорчанецот Џо Скарвела верува дека ниту најдобрите кујни со пет ѕвезди не можат да се споредат со мирисот на домашно приготвената чорба, пита или чоколадната торта на искусните баби.
Во ресторанот на Скарвела „Ентотека Марија“, во историската област на Стетен Ајленд, во кујната има само „нони“ – италијанскиот збор за баба што се однесува помалку за внуци и за возраст, а повеќе за стилот на готвење стари семејни рецепти или за тие жени кои ги имаат совладано техниките за готвење преку години искуство во нивните семејства, а не по професионални кујни.
„Возраста е една позната метафора што не значи дека мора да имаш внуци, туку искуство“, вели Скарвела, чии родители се од Италија. Тој честопати ги посетува родните места на неговите родители во Пјаченца и Сицилија.
„Енотека Марија“ има две кујни со баби кои работат од среда до недела. Во едната, италијанските нони приготвуваат класична паста и специјалитети како печен јазик во сос од бело вино, додека другата кујна е на располагање на група баби од други држави, која се ротира секој ден. Држави од Аргентина до Бангладеш веќе биле претставени.
„Мојата поврзаност со храната ме доведе до ова место, јас така се идентификувам со мојата култура. Тие мириси од кујната навистина можат да поттикнуват сеќавањата од старото минато“, вели Скаравела.
Тој се надева да ги разбуди сеќавањата од младоста и детството и на клиентите на ресторанот.
За самиот Скарвела, кој пораснал во Бруклин, јадењето кое го потсеќа на слаткото минато е „капуцеле“ – глава на овца полнета со лебни трошки, рузмарин, зеленчук и лук. Од друга страна, за Хашеми, кој доаѓа од алжирскиот крајбрежен град Оран, јадење кое буди носталгија е „кускус“ со суво грозје и пилешко месо.
За разлика од клубовите за готвење и огромната бројка на ресторани, кои се натпреваруваат во трката за што поатрактивни креации со храната, „Енотека Марија“ се држи до правилата на едноставноста.
Скаравела, исто така, се надева дека ќе може да го искористи овој необичен ресторан за да придонесе за зближување на луѓето. На пример, тој работи со баби од Палестина, како и од Сирија и Египет.
„Денес, сите се обидуваат да се поделат на толку многу нивоа. Треба да ја познаваме и почитуваме вредноста на секоја култура“, вели Скарвела.