ГЕВГЕЛИЧАНИ СКОРО СТОПРОЦЕНТНО ИЗГЛАСАА „НЕ“ ЗА РУДНИЦИ НА КОЖУФ

    ГЕВГЕЛИЧАНИ СКОРО СТОПРОЦЕНТНО ИЗГЛАСАА „НЕ“ ЗА РУДНИЦИ НА КОЖУФГрадоначалникот на Гевгелија Иван Франгов вчера гласаше на референдумот (Фото: СДК.МК)

    Гевгеличани со над 97,9 отсто гласаа против рудници за злато на планината Кожуф, според првичните резултати  на Општинската изборна комисија (ОИК) која го спроведе референдумот во Гевгелија. На рефендумското прашање: „Дали сте за или против давање дозвола за експлоатација на металични минерални суровини на територијата на Општина Гевгелија?“, 13.097 граѓани се изјасниле против, додека 154 жители биле за, а имало и 133 неважечки ливчиња.

    Според ОИК, вчера во Гевгелија на 37-те избирачки места гласале 13.251 жител што е 67,31 отсто од запишаните во избирачкиот список. Како што рече претседателката на ОИК Гордана Поп Кочева, ова се првични резултати со оглед дека започнува рокот за поднесување на жалби и забелешки на референдумското изјаснување, кое помина без проблеми и нерегулраности.

    Низ улиците на Гевгелија синоќа се славеше за успешноста на референдумот, кој е втор од локален карактер во Македонија, по оној во скопската Општина Центар во 2015 за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар (ГТЦ), кој заврши неуспешно бидејќи на не излегоа повеќе од половината жители на општината со право на глас.

    „Гевгеличани со овој референдум недвосмислено кажаа дека во нивната општина не сакаат никакви рудници и се против било каква експлоатација на рудно богатство од планината Кожуф“, рече Ангел Наков од Граѓанската иницијатива „Спас за нас“.

    Според набљудувачите на „ЦИВИЛ“ – Центар за слобода, забелешките за текот на референдумот во Гевгелија се повеќе од технички карактер.

    „Најсериозните забелешки одат на адреса на надлежните институции, поточно Општинската изборна комисија. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ документира повеќе случаи на потполна неинформираност на гласачите, а во целост, може да се забележи недоволно ангажирање на ОИК за навремено и квалитетно информирање на локалната јавност за референдумот. Се бележат и помали пропусти во работата на Избирачките одбори, УВ ламбата не работеше во две избирачки места, како и три случаи на групно гласање. Се бележат и проблеми со Избирачкиот список, односно повреда на гласачкото право. Дел од гласачите не можеа да се најдат на Избирачкиот список“, велат од ЦИВИЛ.

    Референдумот во Гевгелија го иницираа граѓански активисти, а одлука за негова реализација донесе Советот на Општина Гевгелија. Граѓаните се изјаснија дали да се дозволи експлоатација на металични минерални суровини на територијата на Општина Гевгелија, откако разбраа дека канадски фирми вршат детални геолошки истражувања на планината Кожуф и сакаат да добијат концесија за експлоатација  на злато и бакар во еден од еколошки најчистите региони во земјава.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира