Заменик помошникот на Државниот секретар на САД Хојт Ји ќе допатува во Македонија на 1 мај, потврди Американската амбасада во Скопје. Тој ќе се сретне со политичките лидери да ги ангажира околу статусот на формирање влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатлантските интеграции, велат од Амбасадата на САД.
Ји на 17 март од Загреб му порача на претседателот Ѓорге Иванов да му овозможи на парламентарното мнозинство да формира влада што е можно побрзо. Тогаш, тој ги повика сите страни во Македонија да бидат подготвени на компромис и да се формира нова постизборна влада.
Претходно, на 14 јануари, во изјава за „Гласот на Америка на македонски јазик“, Ји кажа дека САД очекува формирање влада што ќе го почитува Специјалното јавно обвинителство и ќе соработува со ЕУ и САД.