По седуммесечна борба со повредите од страотната сообраќајка кај Радовиш, познатиот музичар Зоран Маџиров почина на 49 години. Веста ја потврдија неговите најблиски во Струмица. На социјалните мрежи негови пријатели и роднини веќе изразуваат сочувство.
Зоран Маџиров на 7 октомври минатата година, на пат кон Струмица, кај месноста „Пилаф тепе“ со неговиот автомобил при разминување се судрил во камион – влекач. Тој се зодбил со тешки повреди на главата, градите и нозете, по што беше итно префрлен на скопските клиники.
На почетокот на кариерата Маџиров го нарекуваа лудиот тапанар. Но токму тој луд тапанар зад себе има реализирано повеке од 4 илјади концерти во европските и американските градови и е прогласен за почесен граѓанин во повеке европски метрополи. Во Германија го нарекуваа Флашофон, во Америка Ботлфон во Италија Бутилиофон, а овде Зоки Ботлмен. САД му дадоа државјанство.
„Чуствувам одговорност кон Македонија. Затоа се вратив, иако секој уметник би рекол целиот свет е мојот дом, но желбата овде да творам, да докажеме дека и на ова парче планета има генијалци ме натера да се вратам и да креирам и компонирам музика токму овде во Македонија“, кажа Маџиров кога се врати во својата земја.
Волшебникот на шишиња од Струмица во својата 25-годишна кариера има работено за светски звезди како што се Стинг, Тина Тарнер, Мајкл Џексон, Хари Бела Фонте, Тито Пуенте, Скорпионс и помалку познатите Реџи Воркменг, Џими Хедад и многу други.
В. Трајков