УСТАВНИОТ СУД НЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ

    УСТАВНИОТ СУД НЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕСудијата известител Елена Гошева констатираше дека уставните судии се ненадлежни да постапат по иницијативите за укинување на членовите во Законот за локална самоуправа со кои мандатот на градоначалниците се огранилува на четири години. - Од денешната седница на Уставниот суд (Фото: СДК.МК)

    Уставните судии на денешната седница едногласно ги отфрлија иницијативите на Министерството за локална самоуправа и Светскиот македонски конгрес за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците. Судијата известител Елена Гошева констатираше дека законододавецот, т.е. Собранието не предвидел ситуација кога локалните избори не можат да бидат распишани навреме, но Уставниот суд не е надлежен да го уредува тоа прашање.

    „Мандатите на градоначалниците и советниците истекуваат, а ја знаеме политичката ситуација во Македонија. Нема регулација во Законот за локална самоуправа. И покрај тоа што е неспорно дека не е одредено ова прашање во законот како да се постапи во случај кога не е предвидена можноста за закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека само законодавецот има уставни овластувања прашањата за локалната самоуправа да ги уредува со закон само тој има устав но овластување и само тој има право ова да го уреди. Од поднесените иницијативи произлегува дека не се оспоруваат содржините на членовите, туку забелешката е дека тие не предвиделе решение што со мандатите во локалната самоуправа кога има неможност да се распишат нови локални избори. Со нив се бара од Уставниот суд да креира нова правна ситуација за која надлежност има само Собранието. Уставниот суд цени дали содржините на одредбите се во согласност со Уставот, а не може да предвидува или да креира нови одредби што ги нема во еден закон“, рече судијата известител Гошева по што предложи да се отфрлат двете иницијативи.

    Професорот по управно право Борче Давитковски во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК утринава предупреди дека градоначалниците и советниците од вторник немаат мандат повеќе. Единствено легално решение во оваа ситуација, вели, е следново:
    „Бидејќи ситуацијата е итна, парламентарните партии треба да седнат уште денеска и да се договорат како да се распишат локалните избори во најкусо можно време. Со двотретинско мнозинство го менуваат прво Законот за локална самоуправа за да стават одредба: ‘Мандатот на градоначалниците и на советниците да трае се до изборот на нови градоначалници и советници’. По ова, претседателот на Собранието веднаш распишува и закажува датум за локални избори. Само ова е легално решение“, укажува професорот Давитковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира