Три месеци доцни обновата на поплавената обиколница кај Скопје на која градежната компанија „Трансмет“ работи од октомври, минатата година. Градежните работинци кои сега на обиколницата изведуваат подземни инсталации на коловозот во насока кон Куманово велат дека ќе им треба уште најмалку еден месец за да ја завршат работата.
На делот каде што работат нема асфалт, изгребан е стариот и велат дека откако ќе завршат со работа под земја, ќе постават нов тампон како подготовка за асфалтирање, па дури потоа ќе асфалтираат. Нема завршен слој асфалт и на оштетениот дел од обиколницата во другата насока, кон Тетово. Бидејќи се работи на коловозот на насоката кон Куманово, сообраќајот во двете насоки, на оштетениот дел меѓу клучките Арачиново и Смилковци, се одвива во насоката кон Тетово. Оштетувањата од поплавата во оваа насока се поправени, ја нема големата грпка на патот, но за целосно да заврши обновата недостасува завршен слој асфалт.
Според договорот кој Јавното претпријатие за државни патишта го потпиша со „Трансмет“ за обнова на обиколницата, штетите целосно требаше да бидат поправени до средината на февруари. Од Јавното претпријатие ниту пред три месеци, ниту сега не одговараат на прашањата од САКАМДАКАЖАМ.МК за причините поради кои доцни обновата на обиколницата, дали градежната компанија ќе добие казна за доцнењето.
Поради итноста, немаше тендер за избор на фирма. Јавното претпријатие склучи договор со Друштвото за градежништво, транспорт и трговија „Трансмет ДОО Скопје“ за поправка на штетите на обиколницата за 3,6 милиони евра, на трети октомври, 2016, без претходна објава. Во истиот договор, „Трансмет“ се обврза да ја заврши обновата за четири месеци.
Управителот на „Трансмет“ Сеад Кочан е првоосомничениот во случајот „Труст“ во истрагата на СЈО за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и проневера на 17 милиони евра државни пари во јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011. Тој пред два месеци ја напушти Македонијa веднаш штом му беше одредена мерка притвор. Врховниот суд во петокот ја укинал мерката притвор за Кочан и тој вчера како итен случај бил примен на една од клиниките на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.
Исто како „Трансмет“, во итна постапка за обнова на скопската обиколница избрана беше и фирмата Друштво за инженеринг, проектирање и консалтинг „Евро консалтинг ДОО увоз-извоз Скопје“, која за 32.000 евра врши надзор. Од оваа фирма не сакаат да даваат официјални изјави за доцнењето на обновата.
„За сите прашања поврзани со надзорот на обновата на обиколницата обратете се во Јавното претпријатие за државни патишта“, ни рекоа од фирмата надзор „Евро консалтинг“.
ЈП за државни патишта не даде одговор ниту на прашањето дали ќе побара одговорност од „Трансмет“ и од „Евро консалтинг“ за пробиениот рок.
Сегашната санација на обиколницата, иако се прави поради штети предизвикани од поплавите во кои загинаа 22 лица токму на овој дел од обиколницата, не предвидува ново, поинакво решение за одведување на атмосферските води оти јавното претпријатие немало надлежност за изградба на дополнителен одводен систем.
Поправки на обиколницата беа неопходни откако во поплавата на 6 август беа направени големи оштетувања на асфалтот. На коловозот на насоката кон Тетово беше издигната грпка повисока од еден метар по која се возеше три месеци оти јавното претпријатие толку време се подготвуваше за итната санација.
Скопската обиколница беше пуштена во употреба во 2009. Се градеше цели седум години, по проекти кои ги изработија „Прима инженеринг“ и „Балкан консалтинг“ со ревизија од Градежен факултет. Долга е 26,7 километри. Изградбата на обиколницата ја чинеше државата 135 милиони евра. Таа е дел од Коридорот 8 кој ги поврзува Македонија, Бугарија и Албанија.