Заменик помошникот на Државниот секретар во Стејт Департментот Хојт Ји кажа дека претседедателот Ѓорге Иванов, со кого се сретна во Скопје на 1 мај, ги разбира очекувањата на САД дека треба да го даде мандатот на коалицијата што има мнозинство во Собранието.
„Претседателот, со кого се сретнав и имав многу добра дискусија, ги разбира нашите очекувања. Ние очекуваме владата и претседателот да го направат тоа е што е потребно во согласност со демократските норми“, кажа Ји во интервју за „БИРН Косово“, пренесено од „Балкан Инсајт“.
Прашан дали мисли дека Иванов треба да го даде мандатот на мнозинството формирано по изборите на 11 декември, Ји одговори дека верува дека Иванов ќе ја направи „вистинската работа на крајот“:
„Верувам дека тоа е да се даде мандатот на коалицијата шти има мнозинство во парламентот за да може да се формира влада и таа да почне да носи реформи, потребни за Македонија да се придвижи напред по демократски пат“, додаде Ји.
Уставниот рок за Иванов да му го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев истекува в петок.