Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поднесе жалба до Кривичниот суд за одлуката за одбивање на мерката притвор и дадената гаранција за газдата на „Трансмет“ Сеад Кочан.
„Бараме да се преиначи одлуката и да не се прифати гаранцијата бидејќи сметаме дека во овој момент не постои доволна гаранција дека осомничениот повторно нема да избега, затоа што претходно веќе беше во бегство, изјави специјалниот обвинител Гаврил Бубевски.
Обвинителот смета дека е апсурден самиот предлог да му се укине притвор на човек кој веќе бил избеган. Тој наведе дека еден од наводите во жалбата е повторното добивање тендери на фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан што покажува дека може да го повтори делото.
Адвокатот на осомничениот Кочан, Никола Додевски рече дека ова е „најголема гаранција дадена за некој случај“ и дека „во правната наука, на пример во САД ако се даде толку голема гаранција, а некој да бара притвор и повлекување на гаранцијата само за да го претвори притворот во казна не му е сфатливо“.
Судија на претходна постапка во понеделникот одлучи да ја прифати понудената гаранција од Кочан од скоро 900.000 евра евра дека ќе остане во Македонија и нема пак да избега. Како мерка за обезбедување на присуството во постапката што се води против него, судијата му ја одзел патната исправа.
Бирото за јавни набавки во четвртокот на 18 мај објави дека компанијата на Сеад Кочан „Трансмет“, чии што сметки се блокирани на барање на СЈО, повторно добила тендер кај ЕЛЕМ.
Г. ТРПЕНОСКИ