Хрватскиот „Т-портал“ ја критикува хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ дека била изманипулирана од македонскиот претседател за време на нејзината посета на Македонија.
„Следуваше лет до Скопје. Можеби посетата би поминала бенигно, да не беше македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој половина час пред да слета хрватската претседателка, донесе одлука која инаку би мислеле дека се случува некаде во Белорусија или Туркменистан. Човекот со општ акт ги помилува политичарите осомничени за тешки казнени дела од изборни измами до корупција“, стои во коментарот на хрватскиот портал.
Коментаторот ја врзува посетата на Македонија и со посетата на хрватската претседателка на Мостар, каде што исто така била изманипулирана од српскиот премиер Александар Вучиќ во неговата изборна кампања.
„Дури и ако ја оправдаме хрватската претседателка дека во Мостар и во Скопје се нашла во погрешно време, на погрешно место, автоголот што си го даде беше предизвикан од изјавата дека во спречување на бегалската криза не се употребуваат гумени куршуми, туку само солзавец и водени топови. И ова го кажа еден ден пред да се увери во тоа и да отиде во Гевгелија. Така, во еден ден хрватската претседателка влета во три надворешно-политички гафови. На Балканот, дефинитивно е лесно да зацапаш во кал“, заклучува коментаторот.