Со штандови со органска храна и преработки од зеленчук и овошје, валандовчани го кренаа гласот против изградбата на рудникот Казандол. Сметаат дека надлежните и одговорните треба да знаат дека Валандово е рудник на здрава храна и не му требаат други рудници и тешка индустрија. Беа изложени сушени јапонски јаболка, кајсии, бадеми, разновидни сокови од калинка, џемови и слатка од киви, смокви…
„ Ако почне да функционира рудникот, сето ова ќе го изгубиме. Нема да има органско земјоделско производство. Што ќе работиме ние? Кој ќе сака да купува зеленчук и овошје од овој регион кога ќе се знае дека овде има рудник“, вели Тони Ризов органски производител.
,„Мора да се бориме оти уште не сме свесни што ни се заканува. Цел век се ориентиравме и работевме да бидеме препознатлив бренд со еко производство, и сега некој ќе го го загадува“, ни изјави Ванчо Гушевски производител на органска храна.
Фестивалот го организираше граѓанската иницијатива „Спас за Вландово“, која во рамките на кампањата „Мрдни со прст“ сака на јавноста да им ги презентира предностите на Валандовскиот регион како еколошки земјоделски крај без тешка индустрија. Тие организираа и панел дискусија на која гостува и професори од повеќе области.
„ На долг рок секако дека отварање на рудници ќе има негативно влијание врз земјоделството. Тука се мисли на прашината и евентуалните штетни емисии од процесот на произвдоство. Ќе настрадаат производителите оти тешко може на пазарите да докажат дека нивното производство доаѓа од незагадувачки регион“, кажа агроекспертот Ристо Вучков.
„Колку и да тврдат дека нема да загадуват, тезата не им држи, бидејки Казандол и да биде вакумиран постои процес на дифузија каде штетни честички и молекули се префрлуваат во средината и тоа дирекно или индиректно ќе оди во човечкиот организам и ќе предизвикува болести“, тврди Стојан Манолев професор по физика.
Од Компанијата Сардич МЦ кои го градат рудникот Казандол уште еднаш потврдија дека нивниот проект нема да му наштети на органското производство во валандовско оти рудникот нема да испушта штетни емисии. Тие велат дека со процесот на експлоатација, секој коп ќе биде затворен и засаден со органски ореви, што доволно кажува дека нема да има загадена почва.
Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, паралелно собира потписи и за распишување референдум за или против рудници . Досега се собрани околу 1300 потписи и недостасуваат нешто повеке од 700 за општината и ДИК да распишат локален референдум во Валандово.
В. ТРАЈКОВ