МЛАДО НА РИС ЗА ПРВПАТ ФОТОГРАФИРАНО ВО МАКЕДОНИЈА

    МЛАДО НА РИС ЗА ПРВПАТ ФОТОГРАФИРАНО ВО МАКЕДОНИЈАВо февруари, истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеала да постави ГПС околувратник на женка од рис Маја, што ги одвело до нејзиното дувло, каде затекнале здраво младо рисче (Фото: Македонско еколошко друштво)

    После 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво (МЕД) за првпат успеа да слика младо од рис, соопшти денеска друштвото. Во февруари, истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеала да постави ГПС околувратник на женка од рис.

    Маја, како што од МЕД и го дадоа името на женката рис, благодарение на ГПС уредот ги одвела екологистите до нејзиното дувло, а таму ги чекало вистинско изненадување, затекнале здраво младо рисче.

    Првите фотографии од младенчето балкански рис ги снимил членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево.

    „Неверојатна радост е да бидеш првиот кој ќе види младо рисче, особена чест ми беше да ја споделам информацијата со моите колеги и сите кои се грижат за заучувањето на ова неверојатно животно“, вели Чоровски.

    Ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација на балкански рисови во Македонија, велат екологистите (Фото: Македонско еколошко друштво)

    Од МЕД велат дека ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација на балкански рисови во Македонија. Тие се надеваат дека преку неговото следење, како и следењето на неговата мајка, ќе успеат да добијат податоци за движењето и однесувањето  на рисовите и пред сѐ да помогнат да се разбере животот на младите рисови во Македонија. Овие податоци ќе бидат мошне важни за понатамошното зачувување на едно од најретките животни на Балканот.

    Инаку, статусот на балканскиот рис е критично загрозен поради фактот дека бројот на возрасни единки кои се способни за репродукција е помал од 50 и според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата, тој е на праг пред да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментација на неговите станишта. Програмата за закрепнување на балканскиот рис, меѓу другото, веќе десет години се обидува да го спречи овој негативен тренд. Резултатите од интензивниот мониторинг покажаа дека барем во јадровите подрачја, Националниот Парк Маврово и планината Мунела во Албанија, ова опаѓање е запрено. Секако, опстанокот на балканскиот рис ќе зависи не само од овие, туку и од сите останати подрачја на Балканот кои поседуваат погодни станишта за рисот и неговиот плен.

    Програмата за закрепнување на балканскиот рис е финансирана од фондацијата МАВА од Швајцарија и се спроведува во соработка со фондацијата Еуронатур од Германија, организацијата КОРА од Швајцарија како и здруженијата ППНЕА од Албанија, ЕРА и Финч од Косово и ЦЗИП од Црна Гора.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира