Струшката депонија вчера пак гореше, а смрдеата се почувствува и во градот. Депонијата од почетокот на годинава речиси постојано гори, а жителите веруваат дека некој ја потпалува додека е темница.
„Депонијата ја надгледува само еден човек со работно време од 8 до 16 часот, по 16 часот нема надзор. На овој начин се зголемува ризикот некој во приквечерина да дојде и повторно да ја запали, а прашање е и тоа колку може само еден човек да ја надгледува депонијата ако се има во предвид нејзината големина. Депонијата гори постојано уште од кога беше големото спалување за време на Велигденските празници”, вели Глигор Ќато, активист кој се бори да се реши овој горлив проблем на стружани.
„На самата депонија екологистите забележале импровизирана колиба и луѓе кои собирааат пластика, а не биле од Струга.
„Заклучокот е дека ниту Општина Струга, ниту струпкото јавно комунално претпријатие, ниту пак фирмата надлежна за одржување на депонијата не обрнуваат должно внимание во чување и надгледување, поради што доаѓа до вакво спалување. Дополнително заклучок е дека ниту Општина Струга, ниту комуналците ниту фирмата која е надлежна за одржување на депонијата не се зафатиле посериозно со целосно гаснење на депонијата како надворешно така и внатрешно. Моја перцепција е дека со една сериозна акција на сите надлежни и сериозен пристап кон проблемот депонијата може целосно да се изгасне за најмногу една недела”, вели Ќато.
Охридската локална власт, и самата соочена со проблемот за депонирање на отпадот, предложи да се изготви студија за можностите депонијата кај Буково да го прифати ѓубрето од двата крајезерски града.
Стружани на 18 април протестираа поради екеолошката катастрофа што ја создава депонијата кај Струшко Поле, која на Велигден беше запалена со гуми полиени со бензин и чадеше со денови. На протестот некои стружани протестираа и со заштитни маски, симболично покажувајќи дека сега е опасно да се живее во Струга поради чадот.
Д. ЧУБРИЌ