Поранешниот претседател на Лекарската комора, кардиологот Владимир Борозанов, вели дека Лекарската комора треба да се врати на своите основни принципи и на светски прифатените принципи на професионални медицински комори. Тој зборуваше пред своите колеги на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на Лекарската комора.
„Според овие професионални принципи, Комората прво се грижи за заштита на професијата, а потоа доаѓа грижата за докторите. Докторите најчесто и најдобро се штитат преку нивната вкупна професоналност, а не само преку нивната стручност. Комората треба да поработи заедно со другите професионални здруженија и со невладините организации на пациенти за враќање на взаемната доверба меѓу докторите и пациентите, бидејќи едните без другите не можат. Лекарот со својата работа влегува и во интимата на пациентот и на семејството, но тоа не значи дека тоа треба да го злоупотербуваат, ни докторите ни пациентите, оти има и такви прикаски“, рече проф. д-р Борозанов.
За агресијата против медицинскиот персонал, која последните неколку години кулминираше, дури и со обид за убиство на хирург, проф. д-р Борозанов вели дека очигледно е дека агресијата била стимулирана од политички причини, односно лекарите од поранешниот систем да се уништат.
„Здравствениот систем мора да го штити државата, бидејќи здравството е тесна функција на државата и здравствената политика е политика на државата. Приватниот сектор мора да биде дополнение или луксузирање, а не здравствениот систем да се потпира на приватниот сектор. Освен во системи каде што тоа е така, но и таму има механизми кои ги штитат оние што не можат да платат“, рече проф. д-р Борозанов
Д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора, рече дека денес 25-годишнината од основањето на Комората ја одбележуваат симболично, со тоа што во комората ги поканиле поранешните претседатели на Комората, директорите на Фондот за здравствено осигурување, министерот за здравство и деканите на медицинските факултети. Таа објасни дека голема прослава на јубилејот ќе направат во септември, бидејќи сега тоа не можат да го направат од технички причини. Освен проф. Борозанов на одбележување на јубилејот беше и еден од основачите на Лекарската комора и поранешен претседател проф. д-р Алексеј Дума.
Досегашниот претседател на Комората д-р Кочо Чакаларовски не дојде, а не дојде ниту директорот на Фондот за здравство Сашо Стефановски. ФЗОМ го претставување само директорот Орхан Рамадани.
„Ова е мојата матична куќа, денес е 25 години од Лекарската комора. Се надевам дека Лекарската комора ќе продолжи да ја штити професијата, оти здравствениот систем е составен и од лекари. Планираме да почнеме кампања, во која и лекарите ќе ги кажат своите приказни, за да знаат пациентите дека и ние лекарите сме пациенти и дека и ние би сакале лекарската професија и труд да бидат почитувани како за сите луѓе“, рече министерот Таравари на одблежување на 25-годишнината на Лекарската комора.