Железничкиот сообраќај од денес е нормализиран откако претставниците на машинскиот персонал на МЖ Транспорт синоќа постигнаа договор со ресорниот министер Горан Сугаревски и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Душко Чакаровски, преставник на машинскиот персонал изјави дека на средбата е договорено да се исполнат барањата за зголемување на додатоците на плата и на коефициентите за сложеност на работни места, како и да се вратат назад додатоците на плата, кои биле укинати како дел од антикризните мерки на Владата, пред неколку години.
„Останаа уште неколку работи, како што се условите за работа или нашите униформи да ги договараме со новиот директор што ќе дојде, кој според муабетот најверојатно ќе биде назначен до крајот на месецот. За плата не прецизиравме кој ден точно ќе биде исплатена, дали денес или утре, но постигнавме договор таа да не се дели на два дела, туку да се исплаќа наеднаш за цел месец“, рече Чакаровски.
Платите не се исплатени за април и за мај.
Вчера во целост беше прекинат товарниот и патничкиот сообраќај.