НАМЕСТО ПРОДОЛЖЕНО ПОРОДИЛНО, ДА СЕ ПОДОБРИ КАПАЦИТЕТОТ НА ГРАДИНКИТЕ И ДА СЕ СТИМУЛИРА ТАТКОВСКОТО ОТСУСТВО, ПРЕДЛАГА „ФАЈНАНС ТИНК“

    НАМЕСТО ПРОДОЛЖЕНО ПОРОДИЛНО, ДА СЕ ПОДОБРИ КАПАЦИТЕТОТ НА ГРАДИНКИТЕ И ДА СЕ СТИМУЛИРА ТАТКОВСКОТО ОТСУСТВО, ПРЕДЛАГА „ФАЈНАНС ТИНК“Во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово има место за околу 1.000 деца, а годинава се запишани 1.700 деца (Фото: СДК.МК)

    Наместо продолжување на породилното отсуство, да се отворат нови градинки, да се зголеми бројот на негувателки и стручен кадар и да се стимулира искористувањето на татковско отсуство, односно да се воведе можност за паралелно користење татковско отсуство во првите три месеци од животот на детето, предлага иститутот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ од Скопје. Откако вчера во Собранието, под образложение дека содржи техничко-правни грешки, беше одбиена граѓанската иницијатива за продолжување на породилното од девет на дванаесет месеци за мајките кои ќе родат по едно дете, а за оние кои ќе родат близнаци или повеќе деца, породолното да трае 18 месеци, од „Фајнанс тинк“ велат дека овој проблем треба да се анализира од повеќе аспекти.

    „Продолжувањето на породилното отсуство дополнително ќе ја поттикне неактивноста на жените. Неактивноста на жените на пазарот на труд во Македонија е структурен проблем и изнесува високи 56,3% во 2016 година, и бележи пораст. Родовиот јаз во платите (прилагоден за карактеристиките на работниците) изнесува високи 18%. Пролонгирањето на породилното отсуство може да влијае негативно врз овој јаз, во насока на негово продлабочување. Може да го засили ефектот на ерозија на вештините поради подолгото време поминато надвор од пазарот на труд и да го засили ефектот на дискрминација, ако работодавците перцепираат дека жена која поминала подолго време на породилно отсуство изгубила од своите работни квалитети, споредено со жена која не била надвор од пазарот на труд. Продолженото породилно отсуство ќе има фискални импликации и врз Фондот за здравствено осигурување и, потенцијално, врз Буџетот на Македонија’, велат од „Фајнанс тинк“.

    Затоа, наместо продолжување на породилното, државата треба да го подобри квалитетот на услугите за згрижување за деца од деветмесечна возраст, преку формирање помали групи и ангажирање дополнителен стручен кадар. Да се воведе право на флексибилни работни часови и други работни услови за мајки на деца до три години и тие да бидат прифатени од компаниите, да се отворат градинки во кругот на компаниите., и исто така да се субвенционира трошокот за згрижување деца од ранливи семејства, предлага „Фајнанс тинк“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира