ДВЕСТЕ БИТОЛЧАНИ НЕ МОЖАТ НОЌЕ ДА СИ ОДАТ ДОМА БЕЗ СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК

    ДВЕСТЕ БИТОЛЧАНИ НЕ МОЖАТ НОЌЕ ДА СИ ОДАТ ДОМА БЕЗ СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОКУлици со едносмерен режим - Кузман Јосифовски (лево) е раскопана, а пристапот на улица Ленинова, ноќе е затворен, па жителите решаваат ребуси за да стигнат до дома (Фото: СДК.МК)

    Со возило ноќе не можат да се вратат дома без да направат сообраќаен прекршок двесте жители кои живеат на улиците Ленинова и Стевче Патако во Битола, откако Општината воведе еднонасочен режим на сообраќај во центарот на градот. Режимот  е воведен во период кога двата пристапи до овие улици не се во функција. Едниот пристап е преку  улицата Кузман Јосифовски која е раскопана и затворена за сообраќај, а другиот од кај Широк Сокак кој поради летниот режим во вечерните часови се затвора.

    „Едната улица се реновира, другата е затворена, па ноќе мораме да вртиме одоколу. И тоа не е решение, зашто и кога вртиме одоколу мораме да направиме сообраќаен прекршок за да стигнеме до дома. Мора или да свртиме на полна линија или пак со  возилото да минеме низ едносмерни улици во спротивен правец“, реагираат жителите.

    Според нив, несфатливо е зошто не се почека воведувањето на ваквиот режим по реновирањето на улицата Кузман Јосифовски, која сега е раскопана.

    Од Општина Битола на својата интернет страница соопштија дека извршена е промена на режимот на сообраќај во централното градско јадро според проект и дека е поставена сигнализација. Признаваат дека на улицата Кузман Јосифовски се изведуваат градежни активности, поточно реконструкција на комплетна инфраструктура, па велат дека е воспоставен  времен режим на сообраќај, согласно поставената сигнализација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира