ВМРО-ДПМНЕ ЗА 400 ЕВРА ГО ИЗНАЈМИ МУЗЕЈОТ НА ВМРО ЗА РОДЕНДЕНСКАТА ПРОСЛАВА

    ВМРО-ДПМНЕ ЗА 400 ЕВРА ГО ИЗНАЈМИ МУЗЕЈОТ НА ВМРО ЗА РОДЕНДЕНСКАТА ПРОСЛАВАОд ВМРО-ДПМНЕ побарале роденденот да го прослават на отворено и да ја користат само терасата од Музејот. - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја сече роденденската торта (Фото: МИА)

    Роденденската прослава за 27-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, партијата ја одржа во саботата на терасата на Музејот на ВМРО, и за два часа користење на овој простор на Музејот му плати 400 евра.

    Музејот за различни настани издава дел од својот простор како што се холот, конференциската сала, терасата со бифето, за по 200 евра на час, со вклучен ДДВ. Како што ни рече директорот Бранислав Светозаревиќ, од ВМРО-ДПМНЕ побарале свеченоста за годишнината која според протоколот траела 2 часа да ја прослават на отворено и да ја користат само терасата.

    „Си платија 400 евра“, вели Светозаревиќ.

    Покрај редовните тури низ поставката, Музејот го даваат под наем и за венчавки.
    „Комерцијалните настани се околу 13 часот, кога организаторите заради медиумската покриеност најчесто ги планираат настаните, а венчавките се обично од 14 до 16 часот кога во Музејот немаме активност“, вели директорот кој објаснува дека со Матичната служба има склучено договор за месечна кирија од 600 евра.

    Предвидените простори Музејот на македонската борба ги издава и за цел ден што чини 500 евра. Овој Музеј, јавноста уште го вика Музеј на ВМРО, а неговото име е Музеј на македонската борба за државност и самостојност-Музеј на Внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Основан е со Одлука на Владата во 2008 година, а пуштен во употреба на 8 септември 2011 година.

    Директорот Светозаревиќ вели дека речиси 80 проценти од сервисирањето на скапиот објект, Музејот го обезбедува од сопствени средства. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во едно од своите први јавни настапи истакна дека овој музеј само за струја месечно троши 6,5 милиони денари.

    Политичките партии ја користат и салата на Македонската опера и балет за свечености, конгреси, за конвенции. Салонот на МОБ се изнајмува за 2.000 евра, па оттаму велат дека годинава на пример ВМРО-ДПМНЕ си платило 6 илјади евра за тридневно користење на салонот за партиски конвенции. Изнајмувањето на фоајето на МОБ дневно чини 500 евра.

    Посебен ценовник за изнајмување има на Порта Македонија, која е во рамките на овој Музеј, а каде што се одржуваат венчавки, промоции, изложби, прес-конференции, концерти, камерни драмски претстави. Изнајмувањето за еден час е 100 евра, за пет часа е околу 400 евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира