ТАРАВАРИ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ПАРИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРАТ СЕРВИСИТЕ ЗА ЛИЦА СО ХИВ

    ТАРАВАРИ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ПАРИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРАТ СЕРВИСИТЕ ЗА ЛИЦА СО ХИВМинистерот за здравство Арбен Таравари беше гостин на прес-конференцијата организирана од невладините организации ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни. (Фото: СДК.МК)

    Нема да се затворат сервисите за поддршка на лицата со ХИВ, корисниците на дроги, сексуалните работници и останатите маргинализирани заедници. Ова денес го кажа министерот за здравство Арбен Таравари, на прес-конференцијата организирана од невладините организации ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни, кои одржуваат дел од овие сервиси.

    Тој рече дека има пари во буџетот на Министерството за здравство од превентивните програми, кои ќе се пренасочат и заедно со парите од Глобалниот фонд, кои 15 невладини организации ги добиваат за оддржување на овие сервиси. До крајот на годината со овие, средства според Таравари, ќе се овозможи непречено функционирање на мобилната лабораторија за ХИВ тестирање, гинеколошките ординации, сервисите за правна и социјална помош на маргинализираните заедници.

    „Ќе сторам се што можам за да не се стави клуч на врата на овие сервиси. За оваа година има пари во буџетот на Министерството и заедно со парите од Глобалниот фонд, како што ми рекоа од невладините организации ќе бидат доволни за да работат сервисите. За следната година за овие сервиси ќе се планираат соодветни средства во буџетот, за да нема проблеми“, рече Таравари.

    Пари за работа на сервисите невладините организции имаат до крајот на овој месец, а нивното функционирање беше доведено во прашање, бидејќи поранешниот министер за здравство Никола Тодоров не обезбеди буџет со кој државата ќе го преземе нивното финансирање. Глобалниот фонд уште лани најави дека се повлекува од земјата, која е со ниска преваленца на ХИВ.

    Место државата да го преземе финансирањето на сервисите, Тодоров лани во буџетот за оваа година ги скуси средствата од превентивните програми. Невладините уште лани ова време дигнаа аларм дека ако згаснат овие сервиси до 2030 година ќе има 860 новоинфицирани со ХИВ, и 290 смртни случаи. Христијан Јанкулоски извршен директор на ХОПС рече дека со парите од превентивните програми на Министерството, кои се 14,6 милиони денари или околу 230.000 евра и со парите од Глобалниот фонд во висина од 280.000 евра ќе можат да ги оддрѓат сервисите за помош.

    „Глобалниот фонд чека само одлука за кофинансирање од државата за да ги префрлат парите“, рече Јанкулоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира