СJO ЌЕ ОТВОРА НОВИ ИСТРАГИ И ПО ИСТЕКОТ НА МАНДАТОТ, ЌЕ МУ ГИ ДАВА НА НОВИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

    СJO ЌЕ ОТВОРА НОВИ ИСТРАГИ И ПО ИСТЕКОТ НА МАНДАТОТ, ЌЕ МУ ГИ ДАВА НА НОВИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛСпецијалната обвинителка Катица Јанева денеска присуствува на Школата за природно право во Охрид, на која предавање утрово имаше и Рајнхард Прибе, експертот за владеење на правото на Европската комисија, од кого се очекува во периодот што следи да ги помогне реформите во судството и владеењето на правото.(архивска фотографија)

    Никаде во Законот за Специјално обвинителство не пишува дека на СЈО му е забрането да покренува нови истраги, туку дека не може да ги заврши по истекот на мандатот за поднесување обвиненија. Оттаму, истраги од прислушуваните материјали ќе се отвораат и да не се продолжи мандатот на ова обвинителство, најави претпладнево специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа денеска присуствува на Школата за природно право во Охрид, на која предавање утрово имаше и Рајнхард Прибе, експертот за владеење на правото на Европската комисија, од кого се очекува во периодот што следи да ги помогне реформите во судството и владеењето на правото.

    Отворените истраги СЈО потоа ќе му ги дава на новиот Јавен обвинител на РМ, со се доказите. Потоа тој ќе одлучува за судбината на случаите што ќе ги отвора СЈО, објаснуваат во ова обвинителство.
    „Повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО очекувам да завршат со обвиненија, за кои лица тоа е мошне важно прашање. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт, но во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки“, најави Јанева денеска во Охрид .

    Таа рече оти се надева дека Судот ќе обрне доволно внимание на доказите на СЈО и основите врз кои тие ги поднесуваат обвиненијата. Очекува Судот да ги поддржи и потврди обвиненијата.
    „Местото каде треба се вкрстат нашите аргументи со оние на одбраната е судницата“, потсети Јанева.
    Објавувањето на обвиненијата го најави за последната недела од овој месец, пред истекот на мандатот на ова обвинителство.

    Јанева појасни дека само 12 проценти од преслушаните телефонски разговори се напишани, некаде околу 45 отсто вкупно преслушани, а останатиот дел од нив воопшто не се обработувани.
    „Мора да разберете дека тука има прислушувани разговори на многу новинари, разговори на повеќе јазици, тоа е дел што воопшто не е започнат да се работи, на нив ќе се работи после 15 септември“, рече Јанева.

    На Охридската школа Рајнхард Прибе потсети дека демократијата, владеењето на правото и човековите права се вредности на ЕУ, кои мора да ги почитуваат земјите кандидати за членство во Европската Унија.
    „Задоволство ми е што сум тука во Охрид, да учествувам на Школата за природно право и можноста да им пренесам на младите правници за европските интеграциски процеси и европските вредности што се предуслов за зачленување. Очекувам отворена дискусија со нив, се надевам дека ќе успеам на научна основа да им пренесам што значат европските интеграции“, рече тој.

    Охридската школа на природното право на тема: „Демократија и владеење на правото“ е во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите.
    Учествуваат домашни и странски професори и експерти, како и студенти од сите универзитети и факултети во Македонија, но и 25 магистранти и пет докторанти на правните студии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира