Утревечер жителите на Тафталиџе организираат собир на кој, уште еднаш, гласно ќе му порачаат на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски дека се против масовната бетонизација на населбата и уништувањето на зелените површини. Собирот доаѓа откако жителите утврдиле дека во моментов во Тафталиџе 1 во изградба се над 25 повеќекатници.
„Граѓаните покажаа иницијатива за спречување на урбаната мафија и утре, 28.06.2017, среда на улица ’Варшавска 19’ веднаш до детското игралиште е организиран собир на граѓани со почеток во 19 часот. Собирот е до новооградениот простор на местото на некогашна барака каде што е предвидена осумкатница. Целта на овој собир е организација на граѓаните од оваа населба за да се сопре масовниот замав на урбаната мафија во Карпош, пред да биде предоцна. Ве покануваме да се приклучите на граѓанската иницијатива и да не дозволиме да се загушиме во бетонот во населбата во која ние сме растеле и ќе растат нашите деца“, повика граѓанската иницијатива „Зелено Тафталиџе“.
Од иницијативата објаснуваат дека 25-те повеќекатници кои се во изградба во Тафталиџе, се предвидени без да се земат предвид релевантни фактори, неопходни за нормално и непречено секојдневие на граѓаните од населбата како што се паркинзи, зеленило, сообраќајна мрежа, квалитет на воздух и слично.
Мото на утрешниот собир ќе биде „Стоп за урбаната мафија во Карпош! За иднината се работи!“.
Жителите на Тафталиџе организираа многу протести против урбанизирањето на Општината. Пензионерите, жители на улица Букурешка, со протести и најави дека со жив ѕид ќе го бранат зеленилото, успеаја да ги спречат багерите дојдени да почнат изградба на нова зграда во последното паркче на оваа улица. По протестите, Општината, во април годинава вети дека во паркчето ќе им изгради детско игралиште, но тоа е се уште само во најава.
Е. БОЧВАРОСКА