НА ИТНАТА ПОМОШ ВО ПРИЛЕП ИТНО Ѝ ТРЕБААТ ЛЕКАРИ

    НА ИТНАТА ПОМОШ ВО ПРИЛЕП ИТНО Ѝ ТРЕБААТ ЛЕКАРИСлужбата за итна помош со години доставува барања до Министерството за здравство, но немало одговор (Фото: СДК.МК)

    Службата за итна помош во Прилеп не е кадровски екипирана. Од потребните 16 лекари, во моментов се ангажирани 14, но од нив двајца се со договор на дело, а четворица други се на возраст од над 60 години. За решение на овој проблем со години биле доставувани барања до Министерството за здравство, но останувале без одговор.

    „Имавме соработката со раководството во Здравствен дом, заедно реагиравме до Министерството, но оттаму не добивавме одговор. Од друга страна, имаме преголем обем на работа, затоа што во руралните две општини Долнени и Кривогаштани, недостигаат матични амбуланти, а и тие што ги има не работата во викенд, па амбулантата на Итна помош во Прилеп, работи 24 часа и како општа амбуланта во која здравствено се згрижуваат и сите други, не само итните пациенти“, вели д-р Снежана Петровска, началничка на службата.

    Освен лекари за оптимална работа  на службата недостигаат и возачи и медицински сестри, за да бидат постојано на располагање 5 тимови со лекар и медицинска сестра, за да се покрие целиот терен. Среќа, велат од службата, нема проблем со опрема, медицински материјал, лекови.

    „Бројот на пациенти годинава е за 20 до 30 отсто поголем во однос на истиот период минатата година. Дневно просечно имаме по 100 интервенции, а во викенд и до 170 во текот на 24 часа“, вели Петровска.

    М.ТАЛЕСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира